Ако Димова не поднесе оставка, бидејќи тоа е работа на Управниот одбор на Националната агенција, ќе побарам нејзино разрешување, односно налог за разрешување од надлежниот Управен одбор, изјави синоќа Љупчо Николовски, вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси. Во емисијата на ТВ 21 тој рече дека Димова треба да понесе морална и политичка одговорност, а надлежните институции целосно да го расчистат случајот.
-Ние сме на почеток на преговори со ЕУ ги отвораме сите фондови, пред нас се големи предизвици и затоа законот мора да важи за сите, никој не е недопирлив. Секако постои пресумпција на невиност, но Етичкиот кодекс за чие спроведување сум задолжен јас, а со кој се опфатени членовите на Владата и избраните функционери предвидува и санкции, како и поднесување на политичка и морална одговорност. Со ова разрешување сакаме да пратиме порака до сите дека навистина сме спремни да се бориме против корупцијата, дека немаме двојни аршини, сме добиле огромна чест и одговорност од граѓаните, која мораме да ја оправдаме, изјави вицепремиерот Николовски.