Македонците и другите малцинства изразија огорченост по изгласаната изборна реформа во Албанија

Остра реакција и изрази на незадоволство и огорченост од неприфаќањето на нивното барање за загарантирани пратенички места со измените во изборната реформа во Албанија изразија партиите на Македонците, Власите, Египќаните и Ромите во оваа земја. Реформата доцна синоќа ја изгласа албанскиот парламент.

-Во име на партиите на македонската, влашката, египтјанската и ромската заедница во Албанија, особено партијата Македонска алијанса за европска интеграција, партијата Алијанса за еднаквост и европска правда и партијата за европеизација и интеграција на Албанија, го изразуваме нашето длабоко разочарување и огорченост на одлуката на парламентот да ги одобри измените на Изборниот законик без да се земат предвид правилните барања на малцинствата за загарантирани места во парламентот, стои во заедничката декларација.

Додаваат дека оваа одлука која ја поддржа власта и дел од опозицијата е „сериозен удар за демократијата и еднаквоста во нашата земја“, нагласувајќи дека нивното барање за загарантирани места во парламентот не бело само разумно барање, туку и неопходност да се обезбеди правична и еднаква застапеност за сите заедници во Албанија.

-Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, во својот петти мониторинг извештај за Албанија објавен во 2023 година, силно препорача нашата земја да креира позитивни политики за застапеност на малцинствата со загарантирани места во парламентот. Игнорирањето на оваа препорака е јасен показател за недостигот на волја за следење на европските стандарди и подобрување на демократијата во земјата, се наведува понатаму во декларацијата.

Партиите потенцираат дека сегашниот регионален пропорционален изборен систем е „дискриминаторски и не гарантира правична застапеност на малцинствата“, а географската распространетост на малцинствата низ целата територијата на Република Албанија го отежнува ефективно застапување на нивните интереси во парламентот.

Според нив малцинствата се богатство на една земја и исполнувањето на обврските кон нив е клучен критериум за членство на Албанија во Европската Унија.

-Застапеноста на малцинствата во парламентот ќе ја подобреше демократската застапеност и ќе ја покажеше посветеноста на нашата земја кон европските стандарди за заштита на малцинствата. Решени сме да продолжиме да се бориме за нашите права и за изборен систем кој гарантира правична и еднаква застапеност за сите граѓани. Ќе продолжиме да бараме додека нашата земја, чии лојални граѓани сме, не ги исполни европските стандарди и не гарантира застапеност на малцинствата во парламентот, порачуваат партиите на Македонците, Власите, Египќаните и Ромите.

 

Албанскиот парламент, со 106 гласови „за“, оние на пратениците од владејачкото мнозинство и опозициските демократи на Сали Бериша, доцна синоќа го усвои изменетиот законик, со кој од 140 пратеници, колку што брои законодавниот дом, 1/3 ќе се избираат со отворени листи, додека останатите според досегашниот пропорционален систем. Со законот се дава можност да гласа и албанската дијаспора, а 30 отсто или секој трет кандидат на листите да биде жена. За барањето на малцинствата воопшто не се расправаше.

Претходна вестЦЈЗ Охрид: Водата во Охридско Езеро со одличен квалитет, реките Велгошка, Коселска и Сатеска и натаму ја загадуваат
Следна вестПолицијата ги расчисти убиството во Батинци и обидот за убиство во Чаир