Home ЅИРКАЊЕ НАДВОР Македонец министер во новата албанска Влада

Македонец министер во новата албанска Влада

0
Македонец министер во новата албанска Влада

Албанскиот премиер и лидер на Социјалистичката партија, Еди Рама, на вчерашното партиско собрание соопшти за реконструкција на владиниот кабинет, а целосно е сменет и Секретаријатот на партијата. Рама најави и формирање на министерство за локална самоуправа каде прв човек ќе биде Арбјан Мазнику, актуелен заменик градоначалник на Тирана, Македонец чиј татко потекнува од село Врница, област Голо Брдо.

Нов министер за Европа и надворешни работи ќе биде Игли Хасани, на местото на Олта Џачка, Огерта Манастрилиу го напушта Министерството за здравство и социјална заштита и преминува во Министерството за образование, млади и спорт. На нејзино место доаѓа Албана Корчиу.

Нов министер за економија и финансии е Ервин Мете на местото на Делина Ибрахимај, која ја презема функцијата државен министер за претприемништво и деловна клима, на која функција беше Едона Билали. На чело на министерството за земјоделство и рурален развој, ќе биде Анила Денај, која на оваа функција ја заменува Фрида Крифца.

За прв пат во историјата на оваа политичка сила Ен-блок го разреши целиот партиски секретаријат и покрај тоа што на последните локални избори социјалистите извојуваа спектакуларна победа. Еди Рама ги даде првите сигнали за смени во редовите на партијата на власт, што ја предводи, на последното партиско собрание на 26 јули.