Во Брисел денеска ќе биде одржана првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и Европската унија со што почнуваа преговорите за полноправно членство. На конференцијата ќе бидат прогласени за отворени преговорите со двете земји, а потоа и т.н скрининг процес длабинска анализа на законодавството на двете земји и степенот на нивната усогласеност со европското законодавство. Советот на ЕУ синоќа даде „зелено светло“ за отворање на пристапните преговори со Македонија и Албанија.
Пред одржувањето на Меѓувладина конференција, премиерот Димитар Ковачевски кој ја предводи владината делегација имаше средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. По средбата, Ковачевски рече дека ова е историски ден бидејќи преговорите се отвроаат по чекањето долго 17 години.
-Европскиот предлог кој го добивме преку широк консултативен процес го препознавме како најдобро можно решение, кое од повеќе аспекти ги почитува и задржува црвените линии, а дава почеток на преговорите. Во него е прецизиран македонскиот јазик без дообјаснувања. Со тоа се отвора нашиот македонски јазик да стане официјален јазик во ЕУ, што за мене голем успех. Не само што јазикот ќе биде заштитен, туку ќе добие промоција. Многу земји и култури кои немаат допир со македонскиот јазик, ќе се запознаат. Нашиот идентитет, ќе остане тоа, автентично, македонско и во ЕУ, рече Ковачевски.
Тој очекува Македонија да биде пример за најбрза интеграција на државата во ЕУ.
-Верувам дека овој нов почеток ќе значи просперитет и напредок. Кога има напредок во една земја, тоа значи поттик и за другите соседи. Како што и досега сме работеле за граѓани, така продолжуваме. На тој начин работиме и за нас самите и за забрзување на процесот за пристап до ЕУ, рече Ковачевски.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред почетокот на заедничката меѓувладина конференција рече дека денешното отворање на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија е успех на двете земји и на нивните граѓани. Таа нагласи дека притоа двете земји го зацврстиле владеењето на правото, се бореле против корупцијата, имаат слободни медиуми, добро граѓанско општество, бројни реформи и ги модернизирале економиите.
-Ги направивте сите овие промени не само затоа што беа потребни на вашиот пат кон ЕУ, туку пред се затоа што се добри за вашите земји. И тие веќе испорачуваат подобар и поквалитетен живот за вашите луѓе. ЕК ве поддржуваше на целот пат и ќе продлжиме така, рече Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК се осврна и на меѓувладината конференција што ќе се одржи денеска во Брисел.
-По нејзиното одржување Комисијата и преговарачките тимови од Албанија и Северна Македонија ќе започнат со работа. Скринингот на законодавството на ЕУ ќе започне, тоа е првиот чекор од процесите и ќе им овозможи на Албанија и Северна Македонија да се запознаат со правата и обврските на нашата Унија, од спогодби преку законодавство, меѓународни договори и ќе продлжиме многу брзо со сето тоа, рече Фон дер Лајен.