Македонија е должна за највисоките 6,6 милијарди евра, Владата ќе штеди или уште ќе не задолжува?

На највисокото ниво до сега се искачил јавниот долг на Македонија кој заклучно со септември годинава изнесува дури 6,57 милијарди евра, односно, 60,7 отсто од БДП. Ова го покажуваат последните податоци на Министерството за финасии од кои се гледа дека само во последните девет месеци државата е задолжена за 1.03 милијарда евра. Познато е, најголемиот дел од задолжувањето е направено како последица од справувањето на кризата со корона вирусот во чиј тек е земена еврообврзница од цели 700 милиони евра. Но, задолжувањето е и резултат на неоправданите трошења во одделни сектори и институции. Така, на пример, само во последните две и пол години државните институции набавиле вкупно 392 нови патнички возила за што потрошиле 8,1 милиони евра.

-Една четвртина од набавените нови возила се поскапи од 30.000 евра. Најмногу нови возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи, 46 „пасати“ по 39.000 евра секој. Сепак, најскапото возило го купило Општина Струга и чинело 66 илјади евра. Средната вредност на возилата купени од државните институции изнесува 17 илјади евра, покажуваат податоците, покажуваат податоците од истражувањето и базата на податоци што неодамна ги објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Она што е загрижувачко е тоа што изразено како процент од БДП, на крајот на септември годинава јавниот долг учествувал со 60,7 отсто во БДП, откако на крајот на минатата година тоа учество беше под 50 отсто, и изнесуваше 49,4 проценти.

Нови задолжувања се предвидени и со вториот ребаланс на буџетот за годинава кој синоќа е изгласан во македонскиот парламент. Со ребалансот се предвидува историски највисок до сега буџетски дефицит. Тој е проектиран на рекордни 920 милиони евра или на 8,4 проценти од БДП. За да се обезбедат овие средства Владата ќе треба да се задолжи на домашниот пазар за дополнителни 250 милиони евра. А тоа значи дека долгот и натаму ќе расте…

Претходна вестПроменливо облачно, температурата до 20 степени
Следна вестНа интерните клиники обезбедени 150 кревети за заболени од вирусот, ќе работат и со други пациенти