Неспомнувањето на терористичкиот акт на Хамас од 7 октомври со нападот врз Израел е ена од главните причини поради која Македонија во Обединете нации гласаше „воздржано“ во однос на Резолуцијата за итно примирје во Газа. Резолуцијата на Генералното собрание на ОН која беше поднесена од Јордан, беше донесена со 120 гласа „за“, 45 држави беа воздржани меѓу нив и Северна Македонија, а 14 гласаа против, вклучувајќи ги Израел и САД, а од Европа Австрија, Чешка, Хрватска и Унгарија.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска објасни дека тоа било голема слабост на предложената Резолуција.
-Северна Македонија го поддржува хуманитарниот аспект на јорданската резолуција, почитувањето на меѓународното хуманитарно право, неопходноста од заштита на цивилите и нивен пристап до основните животни потреби, струја, вода и лекови. Од друга страна голема слабост на резолуцијата е неспомнувањето на терористичкиот акт на Хамас од 7 октомври, кој најостро го осудивме, како и правото на Израел да се брани, затоа и гласавме на канадскиот амандман на резолуцијата, одговори премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање.
Според него, одлуката за гласање не била лесна.
-Одлучивме да гласаме „воздржано“ затоа што резолуцијата од една страна ги адресира хуманитарните прашања, со што се согласуваме и ги поддржуваме. Но отсуството на спомнувањето на она што Хамас го направи на 7 октомври не остава простор за поинаков пристап во однос за гласањето, кажа Ковачевски.
Премиерот вели дека треба да продолжат активностите на меѓународната заедница во обезбедување долгорочен мир и стабилност на Блискиот Исток
Тој повика да се погледнат гласањата на финалната резолуција и на канадскиот амандман кој што беше поднесен, како што кажа Ковачевски, со цел резолуцијата да биде комплетна, но не беше прифатен пред финалното гласање.
Тој појасни дека амбасадорот Љубомир Фрчкоски за гласањето во Генералното собрание на светската организација ставот го добил од МНР кое е, вели, дел од македонската Влада.
Резолуцијата на ГС на ОН која не е обврзувачка, но има политичка тежина поради поддршката од големото мнозинство членки на ОН, повикува на „итно, трајно и одржливо хуманитарно примирје“ меѓу Израел и Хамас и побара непречен пристап на помош до опколениот Појас Газа.