Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел вчера во Брисел потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија.
На церемонијата на потпишувањето на Договорот, Муцунски нагласи дека тој претставува историска пресвртница во односите меѓу земјава и Европската Унија.
– Со гордост можам да објавам дека ние сме првата земја од Западниот Балкан што потпиша партнерство за безбедност и одбрана. Тоа е нашата нова робусна рамка за дијалог и соработка за критичните прашања за безбедноста и концептот ова партнерство ја симболизира нашата заедничка посветеност за одржување на мирот, стабилност и безбедност во нашиот регион и пошироко, истакна Муцунски.
Според него, ова партнерство ги нагласува силните врски меѓу нашата земја и Европската унија, изградена врз заеднички вредности на доверба и заедничка визија за побезбедна и попросперитетна иднина.
– Со овој договор, заедно со Европската Унија, ќе работиме рака под рака за да одговориме на современите безбедносни предизвици, вклучително и кибер заканите, хибридната војна и отпорноста на критичната инфраструктура, рече Муцунски.
Според него, со зајакнување на соработката со ЕУ, земјава има за цел да ги заштити своите граѓани, да ја зајакне националната безбедност и да придонесе за колективната одбрана на Европа.
Борел, од своја страна, пак истакна дека ова партнерство означува пресвртница во стратешката соработка на ЕУ не само со Северна Македонија, туку и со целиот Западен Балкан.
– Ова не е само декор, туку опиплив чекор напред кон побезбедна и поинтегрирана Европа, а овие денови знаеме што значи побезбедна Европа. Овој договор ја нагласува нашата заедничка посветеност за унапредување на соработката и придвижување на вратите за постепена интеграција на Северна Македонија дури и пред полноправното членство во Европската Унија. Тоа го нарекуваме чекор по чекор постепена интеграција, рече Борел.
Тој потсети дека земјава е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што, како што оцени, претставува силна демонстрација на посветеноста на заедничките вредности и заедничката европска иднина, како и дека дава свој континуиран придонес во мисиите и операциите на Унијата, како АЛТЕА, што претставува јасен сигнал за ангажман со Европската Унија во областа на безбедноста и одбраната.
Договорот за партнерство меѓу земјава и ЕУ ќе придонесе за зајакнување на отпорноста и ќе овозможи заедничко справување со безбедносните предизвици, како хибридните закани, зајакнување на кибер безбедноста, борбата против тероризмот и надворешните аспекти на интегрирано гранично управување, спроведување на мисии и операции и поефикасна соработка во други области од сферата на безбедноста и одбраната. Партнерството воедно претставува значаен чекор во продлабочувањето на практичната соработка меѓу земјава и Европската Унија.
Северна Македонија е прва земја од регионот на Западниот Балкан што воспоставува вакво партнерство со ЕУ. Во следниот период се очекува ЕУ ваков договор да потпише и со Албанија, откако претходно слични спогодби склучи и со Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Норвешка и Молдавија, како инструменти што дополнително ја потврдуваат посветеноста на Унијата за јакнење на европската безбедносна архитектура.