Министерството за надворешни работи ја потврди позицијата за заедничката изјава од Литванија во Советот за човекови права на Обединетите нации.
-Во врска со објавите на медиумите во однос на заедничката изјава во Советот за човекови права на Обединетите нации, иницирана од Литванија, со која се повикува Грузија да го укине законот за транспарентност на странско влијание, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија уште еднаш ја повторува позицијата, која и во текот на вчерашниот ден беше доставена како одговор на новинарско прашање, дека Северна Македонија ја дели загриженоста на ЕУ, која се однесува на споменатиот закон, што е впрочем наша принципиелна позиција и за слични закони во други држави. Ја поддржуваме и заедничката изјава на Литванија дадена во име на група земји, на која се придруживме и која е објавена на официјалната страница на Советот за човекови права, што е вообичаена пракса, соопштија денеска од МНР.
Инаку, овој Закон бара медиумите и невладините организации и другите непрофитни организации да се регистрираат како „ги извршуваат интересите на странска сила“ доколку добијат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство. Владата во Грузија вели дека предлог-законот е неопходен за да се запре, како што смета, штетното странско влијание врз политиката на земјата и да се спречат неодредени странски актери да се обидат да ја дестабилизираат.
Опозицијата во таа земја го осуди предлог-законот споредувајќи го со руски закон бидејќи Москва користи слична легислатива за сузбивање на независните медиуми, непрофитните организации и активистите што го критикуваат Кремљ.
Земјите потписнички, освен отповикување на законот, ја повикаа владата во Тбилиси да ги запре процесите против новинарите, граѓанските активисти и другите граѓани што протестираа против донесувањето на законот и да се истражат сите случаи на насилство што беа применети против овие граѓани.
Во Грузија се регистрирани речиси 31.000 невладини организации.