Наскоро, од Македонија ќе може да се извезува марихуана, или како што медицински е позната: сув цвет од канабис, се разбира откако – сега дадениот предлог-закон од Владата го мине и собранискиот филтер. Станува збор за предлог-законот за контрола на наркотични дроги и психотропни супстанции, што Владата го утврди на вчерашната седница.
Како што се наведува во соопштението од Влада со овој закон ќе биде овозможен извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабис во медицински цели, со што им се овозможува на одгледувачите да ги пласираат како наркотична дрога на надворешните пазари.
Уште една работа треба да се издвои како новина во рамките на предложениеот закон, а тоа е формирањето на Агенција за контрола на одгледување и извлекување канабис и производство на препарати од канабис и канабис за медицински и научни цели. Прашањето е како ќе се бираат членовите на Агенцијата и што ќе биде гаранцијата дека таа нема пристрасно да контролира?
Според соопштението од Влада предлог-законот бил во согласност со правото на ЕУ и меѓународните акти, но и содржел свои национални решенија.
Во Македонија, производството и продажбата на производи од канабис за медицински цели е дозволено со закон од 2016 година.