Македонија во државниот Буџет за 2024 година за потребите на одбраната има предвидено 263 милиони долари, што претставува 2,22 отсто од БДП на земјата, се посочува во најновиот извештај на НАТО за одбранбените трошоци на земјите членки.
Согласно дефинициите на НАТО, како трошоци за одбраната се сметаат исплатите направени од страна на националните влади за потребите на своите вооружени сили, на сојузниците или на Алијансата. Во расходите за одбрана, меѓу останатите, се вклучени и трошоците за други сили финансирани преку буџетите на други министерства, покрај оние од Министерството за одбрана, како и средствата директно исплатени од државата за пензии на воените лица и цивилите што биле вработени во воените структури, за мировни и хуманитарни операции, за уништување на оружје, опрема и муниција и за истражување и развој.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, вкупните трошоци за одбраната на членките на НАТО за 2024 година се предвидени на ниво од 1.185 милијарди долари, што претставува зголемување за 10,85 отсто во споредба со ланските 1.069 милијарди долари.
Според Извештајот, вкупно 23 од 32-те членки на НАТО во 2024 година го достигнале договореното ниво на трошоци за одбраната од два отсто од националниот БДП, што е повеќе од двојно во споредба со лани, кога оваа цел ја оствариле само 10 сојузници.
Земјава со издвоени средства за одбраната од 2,22 отсто е на 11-то место според висината на стапката на средствата од БДП. „Шампион“ во оваа класификација е Полска со 4,12 проценти од БДП, пред Естонија со 3,43, САД со 3,38 и Летонија со 3,15 отсто. Натаму до десеттото место следуваат Грција со 3,08 проценти од БДП, Литванија со 2,85, Финска со 2,41, Данска со 2,37, Велика Британија со 2,33 и Романија со 2,25 отсто.
По земјава, на 12-то место е Норвешка со трошоци за одбраната од 2,20 отсто од БДП, пред Бугарија со 2,18, Шведска со 2,14, Германија со 2,12, Унгарија со 2,11, Чешка со 2,10, Турција со 2,09, Франција со 2,06, Холандија со 2,05, Албанија со 2,03, Црна Гора со 2,02 и Словачка со два отсто, како последна, 23-та, земја сојузничка која го достигнала прагот од два проценти.
Под прагот и натаму остануваат Хрватска со 1,81 отсто, Португалија со 1,55, Италија со 1,49, Канада со 1,37, Белгија со 1,30, Луксембург и Словенија со по 1,29 и на последното место е Шпанија со 1,28 проценти од БДП издвоени за одбранбени трошоци.
Земјава за трошоци за набавка на опрема за 2024 година предвидела 29,3 отсто од вкупните средства издвоени за одбраната, со што го надминува утврдениот праг на НАТО од 20 проценти. Од вкупните трошоци на Северна Македонија за одбраната најголем процент или 43,9 отсто се наменети за плати на воениот персонал, по што следуваат 29,3 проценти за набавка на опрема, истражување и развој, 23 отсто за операции и одржување и други расходи и 3,8 проценти за инфраструктура.