Македонија гласаше „воздржано“ за нова резолуција за кризата во Газа којашто вчера беше предмет на изјаснување на Генералното собрание на Обединети нации. Резолуцијата беше предложена од Јордан, а Македонија беше меѓу 45 земји кои беа „воздржани“, додека 120 земји беа „за“ и 14 „против“, објави денеска порталот МКД.мк.
Во веста се наведува дека Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција за кризата во Газа, повикувајќи на „итно, трајно и одржливо хуманитарно примирје што ќе доведе до прекин на непријателствата“.
Во резолуцијата за „заштита на цивилите и почитување на правните и хуманитарните обврски“ се бара сите страни „веднаш и целосно да ги почитуваат“ обврските од меѓународните закони за хуманитарни и човекови права, „особено во однос на заштитата на цивилите“. Се бара заштита на хуманитарниот персонал и да се олесни хуманитарниот пристап до основните материјали и услуги за да стигнат до сите цивили на кои им е потребна помош во Појасот Газа.
Резолуцијата повика на укинување на наредбата на Израел, „окупаторска сила“, палестинските цивили, персоналот на ОН и хуманитарните работници да ги се евакуираат од сите области во Појасот Газа и да се преселат на југ.
Генералното собрание, исто така, повика на „итно и безусловно ослободување“ на сите цивили кои се незаконски заробени, барајќи нивна безбедност, благосостојба и хуман третман во согласност со меѓународното право. Во Резолуцијата се вели дека праведно и трајно решение на израелско-палестинскиот конфликт може да се постигне само со мирни средства, врз основа на релевантните резолуции на ОН и во согласност со меѓународното право, и врз основа на решението со две држави.
Против оваа Резолуција меѓу другите гласаа и САД, Австрија, Чешка, Израел, Унгарија… Воздржани беа и Албанија, Австралија, Германија, Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Украина, Велика Британија, Холандија…
На 27 октомври Генералното собрание на Обединети нации со мнозинство гласови усвои Резолуција со која се повикува на итно хуманитарно примирје во Појасот Газа. Македонија гласаше воздржано, а 120 земји го поддржаа воспоставувањето на примирје. Во Резолуцијата се осудуваат сите акти на насилство против палестинските и израелските цивили, како и терористичките и неселективни напади.