Најголема е смртноста на заболените од корна вирусот во Македонија по милион жители население споредено со останатите земји во регионот, покажуваат и најновите статистички податоци. Така, заклучно со вчера со 54.743 случаи до сега и вкупно починати 1.511 лица, излегува дека на милион македонски граѓани имало 725 починати заболени пациенти. Со тоа Македонија има значително повеќе починати од сите други земји во окружувањето.
Специјализираната интернет страница за светската статистика околу пандемијата покажува дека во нашиот регион по Македонија најголема смртност има Босна и Херцеговина која има 3,2 милиони граѓани но и 80.553 заразени граѓани и 2.342 починати. Односно, 716 починати на милион граѓани.
Трета по смртноста е Црна Гора која има околу 600.000 жители а досега има 31.062 заболени граѓано, но и 439 починати лица. Тоа значи 699 починати доколку се врши пресметка на милион граѓани.
По овие три земји доаѓа Словенија која има 528 починати на милион граѓани кои живеат во оваа земја. Словенија, инаку, има 2.07 милион жители, како и Македонија, а досега се починати 1.097 заболени лица.
Во седуммилионската Бугарија смртноста по милион граѓани сега изнесува 416 од досега заболените 121.820 лица. Во четиримилионската Хрватска таа смртност изнесува 341 лице бидејќи досега вкупно се починати 1.398 пациенти од вкупно 105.691 заболен граѓанин. Во Албанија на милион жители починале 243 лица (а вкупно починале 699), во Грција – 157 (вкупно починати 1.630) а во Србија тој просек на милион жители изнесува 142 лица бидејќи во оваа осуммилионска соседна земја до сега починале 1.237 граѓани.