На неполн месец до стартот на Летните олимписки игри во Париз, Македонија има само четворица сигурни спортисти кои ќе настапат на најголемиот спортски собир во светот.
По одлуките на ИОК, во врска со спортистите од Русија и Белорусија, Обединетото светско борење (UWW) го извести Македонскиот олимписки комитет дека Олимпискиот стипендист на МОК, Владимир Егоров, како највисоко рангиран борач од Олимписките квалификации во Баку, Азербејџан и како сè уште неквалификуван борач (слободен стил, категорија 57 килограми), со “А“ олимписка норма ќе може да настапи на Олимписките игри Париз 2024.
Македонскиот олимписки комитет беше информиран и дека со заедничка одлука на Меѓународниот олимписки комитет и Меѓународната Џудо Федерација, врз основа на постигнатите резултати и постојните правила, најдобриот македонски џудист, Еди Шерифовски (категорија -81 кг) ќе учествува на Олимписките игри.
Со ова продолжува трендот на континуирано учество на македонските џудисти и џудистки, имајќи во предвид дека ова се трети Олимписки игри по ред на кои учествуваат најдобрите македонски спортисти и спортистки во Џудо. Претходно Катерина Николовска беше наш претставник во РИО 2016 и Арбреша Реџепи во Токио 2020, а сега честа да ја претставува Македонија ја има Еди Шерифовски.
Уште претходно настап на ЛОИ 2024 обезбедија охриѓанката Анастасија Мојсовска во спортско стрелаштво и ќе се натпреварува во дисциплината воздушна пушка 60 истрели, како и таеквондистката Мила Рељиќ, откако неодамна стана европска клупска шампионка во Тирана.