Македонија со шест спортисти на ЛОИ 2024 во Париз, Ивановски и Рељиќ ќе бидат знаменосци

Македонската делегација утре ќе замине во Париз каде што од 26 јули до 11 август ќе учествува на Летните олимписки игри и тоа со шест претставници – еден помалку од најавените со оглед на откажувањето на пливачката Ева Петровска поради болест.

Знаменосци ќе бидат атлетичарот Дарио Ивановски и таеквондистката Милијана Рељиќ, која, пак, беше најхрабра на денешната промотивна прес-конференција најавувајќи борба за медал.

-За мене ова е прв олимписки настап што ме прави многу горда. Пред два дена се вратив од 15-дневен тренинг камп, каде што имав тројца-четворица спаринг партнери, кои работеа само со мене и кои ме подготвуваа за потезите што може да ги очекувам од противничките. Сигурна сум дека ќе го дадам максимумот, а се надевам дека со добра ждрепка ќе може да стигнам дури и до олимписки медал, изјави Рељиќ.

Покрај Ивановски и Рељиќ, македонскиот спорт во Париз ќе го претставуваат уште и Владимир Егоров (борење), Никола Ѓуретановиќ (пливање), Еди Шерифовски (џудо) и Анастасија Мојсовска (спортско стрелаштво).

Покрај нив, на ОИ ќе бидат и четворица македонски судии: Славе Николов и Ѓорѓи Начевски во ракомет, Анета Павловска во тенис и Иван Михајловски во триатлон.

Први на борилиштата излегуваат Ѓуретановиќ и Мојсовска, чии настапи се на програмата на 27 јули.

 

Претходна вестОд ноќеска на полноќ поевтинуваат горивата
Следна вестДо крајот на годината нема зголемување на платите во здравството