Од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи се добиени информации дека од денеска, 19.06.2024 (среда) до 23.06.2024 година (недела), целата територија на Република Северна Македонија ќе биде зафатена од топлотен бран од портокалова фаза, соопшти македонската Влада.
Врзано со тоа, Владата ги усвои препораките од Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, согласно коишто, за периодот од утре 19.06.2024 (среда) до 23.06.2024 година (недела), е предвидено:
- Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно: бремените жени и лицата на возраст над 60 години;
- Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
- Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица;
- Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Инаку, од денеска до недела, како што соопштија од УХМР, земјава ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината. Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.
-Според прогнозираните и пресметаните гранични вредности на екстремни температури од УХМР, на територијата на нашата земја утре ќе биде активно жолто, а во Скопската и Полошката котлина портокалово ниво за опасност од високи температури. Поради натамошен пораст на температурите од четврток насекаде ќе биде активно портокалово ниво, се додава во соопштението од УХМР.