Идолот на голем број на ракометни генерации, Кире Лазаров во својата историја во Лигата на шампионите ќе го одигра 17. четврт-финале. Капитенот и селектор на Македонија првиот официјален настап во најголемото европско натпреварување го имаше во 1995 година како ракометар на Борец од Велес.
Играше и за тимот на Пелистер, а својата кариера ја градеше играјќи за врвни европски клубови како Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, Барселона, а моментално го носи дресот на францускиот клуб, Нант.
Токму со Нант има три учества во четврт-финалните битки од Лигата на шампионите, а најмногу има одиграно со Веспрем, вкупно пет. Македонецот сѐ уште е лидер во Лигата на шампионите со најмногу постигнати голови низ историјата, над 1500, но и со најмногу настапи од сите играчи.
Лазаров во ова четврт-финале од Лигата на шампионите со својот тим ќе игра против еден од фаворитите за освојување на шампионската титула, Веспрем. Првиот дуел на двете екипи ќе се одигра денес со почеток од 20:45 часот во Нант.