Македонски дипломатски синдикат до Османи: Влегувате во нова фаза на своеволно кршење на закони и колективен договор

Влегувате во нова фаза на своеволно кршење на закони и колективен договор, му порача денеска Македонски дипломатски синдикат на министерот за надворешни работи Бујар Османи. Во отвореното писмо Синдикатот го повикува Османи да прекине со пракса на самопромоција и перманентно кршење на законите кои ја дефинираат и штитат дипломатската служба.

-Вонредната контрола на амбасадите и конзулатите и документирањето на овој процес, со цел да се потенцира вашата „загриженост” за ефикасноста на работата на ДКП, е целосно неприфатлива и противзаконска, пишува МДС писмото до министерот.

Се додава дека неговата министерска позиција не му дава право на увид во сè уште неиздадени лични документи, што е во целосна спротивност на Законот за заштита на личните податоци, уште повеќе што истите ги објавува на неговиот Фејсбук-профил.

-Дополнително, сакаме да ви укажеме дека давање инструкции за работа во смени како и работа во викенд е во целосна спротивност со Законот за надворешни работи како и Колективниот договор за јавната администрација. На крајот, сите се залагаме за македонските државјани да добијат документи час поскоро, но од сите информации во јавноста јасно е дека во државата нема обрасци за издавање на истите. Со оглед на ова, колку и да се форсираат колегите да работат во смени, викенди па дури и 24 часа истото е целосно залудно и ќе биде само во насока на разгорување на проблемот со доведување на странките во заблуда и креирање на дополнителна нервоза и притисок врз вработените во амбасадите и конзулатите, се наведува во обраќањето.

Претходна вестМинималните трошоци на едно семејство во февруари изнесуваат 57.476 денари
Следна вестОН: Гладот и ширењето болести ќе доведат до смртна експлозија на децата во Газа