Македонија низ историјата ги опевала своите јунаци кои ја бранеле од окупатори, асимилатори, злосторници… Една таква песна е „Трба, трби гевгелиска“ која и денеска се пее. Посветена е на војводата и револуционер – Леонид Јанков.
Денеска се навраќаме на овој голем јунак затоа што токму на 2 септември далечната 1905 година Леонид во близина на селото Ѓавато, гевгелиско, во борба против 3000 турски војници, откако го убил турскиот главешина, со последниот куршум се самоубил. Инаку, нерамната борба, што ја водел заедно со уште неколкумина негови соборци траела скоро цел ден.
Тој ден сите камбани во градот биеле и целата околија татнела и тагувала. Скоро целото население се собрало на неговиот закоп, кој се извршил во дворот на гробиштата на црквата Свети Спас.
Овој македонски херој и револуционер бил учесник во македонското револуционерно движење, бил раководител и војвода на Македонската револуционерна организација. Особено за истакнување е дека активно учествувал во Илинденското востание.
Роден е на 10 март 1878 година во село Мачуково, од татко Трајко и мајка Ката.