Македонскиот херој Милан Стоилов дошол од Русија за да се бори во Илинденското востание

Желбата најдиректно да се учествува во борбата на македонскиот народ за слобода била многу голема кај Македонците кои на полетокот од 20 век живееле надвор од татковината. Ова посебно било изразено во периодот на Илинденското востание од 1903 година кога голем број на македонски патриоти решиле да дојдат и да се борат со оружје во раце. Најголем дел од таквите личности до тогаш делувале на културно-просветен план ширејќи ја на тој начин вистината за македонското национално постоење.

Таков пример е и македонскиот револуционер Милан Стоилов роден на 14 јануари 1881 година во Кукуш, Егејскиот дел на Македонија. Во 1892 година завршил основно училиште во Кукуш, а во 1895 година трикласно училиште во родниот град. Потоа своето образование го продолжува во Егзархиската духовна семинарија во Цариград, која ја завршил јули 1902 година. На 14 август 1902 година, Милан Стоилов веќе пристигнал во Русија и во септември се запишал на Военомедицинската академија во Санкт Петербург.

Во С. Петербург, Стоилов веднаш станал член на Тајниот македонско-одрински кружок (ТМОК), а меѓу првите и потписник на основачкиот акт на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД). На второто заседание на Другарството, кое се одржува на 29. декември 1902 година бил избран и за секретар-записничар.

Веќе следната година се случува објавувањето на Илинденското востание на 2 август 1903 година. Тогаш, Милан Стоилов заедно со група студенти, заминува во Македонија и потоа со неколкумина други членови како Јули Розентал и Александар Соколов се вклучува во четата на Никола Дечев.

Во септември 1903 година Дечев се обидел со уште неколкумина војводи и чети да навлезе во внатрешноста на Македонија. Тогаш четата е пречекана од турски аскер меѓу селата Витоша и Лески. На 6 септември 1903 година Александар Соколов, Марко Марков (студент-математичар) и Милан Стоилов загинуваат како востаници во борба со Турците кај кочанското село Витоша.

Претходна вестШто е приоритет за власта: средено здравство и образование или уставни промени?
Следна вестПо повод Денот на независноста, бесплатни културни настани и слободен влез во музеите, во галериите и на локалитетите