Македонската карате-репрезентација со вкупно 20 натпреварувачи, сите во борби, освои седум бронзени медали на Балканското првенство (БП) за сениори, викендов во Подгорица, Црна Гора, во конкуренција на 275 каратисти од 13 земји (Црна Гора, Хрватска, Србија, Македонија, БиХ, Словенија, Романија, Кипар, Турција, Албанија, Грција, Бугарија и Косово). Македонските каратисти и каратистки ги предводеше селекторот Александар Кузмановски заедно со тренерите Бошко Заборски и Арлинд Хусеини.
По првиот натпреварувачки ден, бронзи освоија Викторија Јовановска и Вероника Костовска и двете во тежинската категорија до 61 кг. Во вториот ден, пак, истиот медал го освоија и Фахик Весели (категорија до 60 кг), најдобриот македонски каратист Емил Павлов (до 67 кг) и Љупче Михајлов (до 75 кг).
Во третиот ден беа екипните настапи, а тука и во двете конкуренции во борби се освоени трети места. Така, во машка конкуренција (Григор Хаџи-Кимов, Михајлов, Мурсел Мисини, Павлов, Петар Спасеновски, Витомир Трајковски и Петар Заборски) во првото коло загубија од Србија со 0-3, но во репасажот ја совладаа БиХ со 3-0. Женскиот екипен тим во борби (Јовановска, Костовска, Ангела Мојсовска и Симона Заборска) во првото коло ја победи Словенија (2-2, со предност за прва победа), а во второто загуби од БиХ со 0-2. Во репасажната борба, македонските каратистки ја совладаа Србија со 2-0 и го освоија седмиот бронзен медал во Подгорица.
Истиот збир освоени медали (пет поединечни и два екипни) беше остварен и на БП 2022 во Белград (Србија). На Балканијадата што се одржа лани во Тирана (Албанија), пак, македонската репрезентација освои 10 медали (еден златен, пет сребрени и четири бронзени), во конкуренција на 294 каратисти од 11 држави. Боите на Македонија тогаш ги бранеа вкупно 39 натпреварувачи, од кои тројца беа во категоријата ветерани.
Најуспешна селекција на годинашново БП во Подгорица е Хрватска со 14 медали (седум злата, едно сребро и шест бронзи), пред Црна Гора (7-1-4) и Турција (4-7-6).