Хансен и Алборг за крај на приказната на Еурофарм Пелистер во ЛШ

Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер вечерва го игра последниот натпревар пред својата публика во Лигата на шампионите. Кај „зелено-белите“ ќе гостува данскиот гигант Алборг, на чело со една од најголемите светски ѕвезди Микел Хансен.

Момците на Бранислав Ангеловски, а претходно на Александар Јовиќ, досега не успеаја да ја искористат пеколната атмосфера која што ја создаваат битолчани и сè уште се без бод во групата А, а најверојатно така ќе остане и по вечерашното соочување со Алборг, затоа што на противникот и тоа како му се потребни бодовите.

Данскиот тим, по не така убедливиот старт, во финишот од групата фаза влезе во посакуваната форма и се бори за директен пласман во четвртфиналето. На две кола до крајот на групите, Алборг е на втората позиција на табелата со два бода помалку од Кил, а еден повеќе од ПСЖ, па затоа победата во Битола му е императив.

Нашиот шампион, пак, и на овој натпревар на паркет ќе истрча без никаков притисок, затоа што во овој момент на четата на Ангеловски многу поважни им се игрите и резултатите во плеј-офот во домашниот шампионат, кој го започнаа со три победи од исто толку натпревари.

Средбата меѓу Пелистер и Алборг започнува од 20:45 часот, а секако дека и овој пат салата „Боро Чурлевски“ ќе биде исполнета до последно место.

Претходна вестТалентираниот Македон повторно се закити со златен медал на натпреварот „Математика без граници“
Следна вестПриведен криминалец од радовишко, осуден на казна затвор од осум години и два месеци