Македонските ракометарки убедливо поразени од Унгарија за крај на ЕП

Македонската женска ракометна репрезентација запиша пораз на последниот меч на Европското првенство, откако беше поразена од Унгарија 19-29 (10-11). Ова континентално натпреварување нашите ракометарки го завршуваат со скор од реми и два порази, после 16 години Македонија успеа да освои бод на ЕП. Дали ќе успее да го освои третото место кое носи полесни квалификации за СП 2025 година ќе биде познато вечерва по мечот меѓу Турција и Шведска, шансите по овој убедлив пораз се мали.

„Црвено-жолтите“ одиграа одлично прво полувреме, но за жал следеше голем пад на стартот на вторите 30. минути – доволно за убедлив пораз против фаворитот.

Петковска имаше девет одбрани (две од седум метри), прв стрелец и овој пат беше Сара Ристовска со шест гола, зад неа беа Џатевска со четири гола, Јанкуловска со три гола.

Едно поинакво прво полувреме видовме од нашите ракометарки на ова Европско првенство. Ако бројот на технички грешки и загубени топки на претходните мечеви беше главна одлика на нашата репрезентација, сега таа пракса се смени, а со тоа и сликата на теренот.

Против фаворитот Унгарија во овој дел избраничките на Кристијан Грчевски беа рамо до рамо, во 19-та минута имаа плус два (8-6), Ристовска реализираше од седум метри. По овој момент противникот со серија од три гола во низа поведе со 8-9. Токму во овој период „црвено-жолтите“ беа без постигнат гол, Арсениевска стави крај на овој лош тренд за 9-9. Јанкуловска не реализираше од седум метри (ова беше втор промашен седмерец), на другата страна Унгарија успеа на одморот да сочува минимална позитива од 10-11. На голот одлична беше Драгана Петковска имаше седум одбрани (една од седум метри), Мицевска запиша една, исто од седум метри.

Вториот дел, Македонија не го почна најдобро, се врати на старите навики, неколку загубени топки беа повеќе од доволно за да Унгарија да зголеми на плус седум 10-17 во 38. минута. „Црвено-жолтите“ беа во напаѓачка криза од која најдоа излез после 10 минути (истата почна пред крајот на првото полувреме), Џатевска реализираше за 11-17 во 39. минута. Но, Унгарија не застана, Грчевски инсистираше на „седум на шест“, а тоа не чинеше негатива од 13-23 на средината на второто полувреме. Тука беше јасно дека овој меч ќе заврши во еден правец.

Унгарија не попушташе, играше максимално, па не остави простор на нашите ракометарки да ја намалат големата негатива, истата дојде на 11 гола (18-29). Со оваа победа ко-домаќинот ќе заврши како прв во групата А.

Претходна вестПукање во Чаир, тешко рането е едно лице
Следна вестМисајловски за инцидентите со македонското знаме: Стеснат е обарчот за некои луѓе и не се чуствуваат комфорно