Македонското географско друштво: Географијата треба да опстане без никакво припојување со други предмети

Географијата е од национално значење и како таква во сегашниот облик на изведување е потребно да опстане без никакво припојување со други школски предмети. Ова е став на Македонско географско друштво по повод на предложениот концепт за промени во основното образование. Оваа асоцијација на наставниците и професорите по географија укажува дека загрижува фактот што во изработка на предложената Концепција за основното образование не е вклучен професор од Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, колевката на природните науки која постои и едуцира наставен кадар цели 74 години.

Реформи во образованието имало и ќе има. Поддржуваме реформи и заедничка ни е желбата да изградиме подобро образование во интерес на учениците и општеството во целина. Поврзување на наставните содржини, можностите за трансфер на знаења за кои говорите и формирање трајни знаења, без непотребна фактографија и оптовареност на учениците, се и наша заложба. Но, убедени сме дека патот кон квалитетно образование првенствено треба да тргне од поинаков агол и залагања. За почеток, потребно е реално да се согледуваат условите во кои се изведува наставата, постојните лаборатории, потребата од опрема и квалитетни учебници со високи стандарди, се наведува во реакцијата.

Оттаму потенцираат дека карактерот на содржините на предметот географија укажува на потреба од изучување на географијата како целина.

Секое подвојување може неповолно да се одрази врз квалитетот на знаења од областа на географијата со кои ќе се стекнат учениците. За да изградиме заедничка основа и став за понатамошно дејствување, неминовно се наметнува потреба од поголема транспарентност, сублимирање на јавни мислења, активно вклучување на универзитетски професори, наставници и професори по географија од основно образование со долгогодишно искуство во наставата, наведуваат од Македонско географско друштво.

Претходна вестЗаев до Каракачанов: Во 1943г. не сме заспале како Бугари, а утредента сме се разбудиле како Македонци
Следна вестБензините поскапи, а дизелот поевтин за половина денар по литар