Македонското здравство е сериозно болно, а власта го лекува со давање ветувања

Здравството ни е дно. Се е отидено надолу. Тоа што 40 години плаќав здравство ништо не значи. Сега ако немаш пари за мито и за приватно да се лечиш, отиде јабана, вели Слободанка Таушанова

Ситуацијата во македонското здравство е „врвка“. Граѓаните само нервозно си шепкаат: „Бог да не чува за да не имаме потреба од одење по болници“. Многу пари се потрошија, многу ветувања се дадоа ама здравствениот систем колабира и најповиканите (воедно и многу платените од власта) не го најдоа лекот.

Сето тоа донесе многу маки за жителите на Македонија. Еве еден пример: Пред околу девет месеци ќерка ми падна од велосипед и го повреди коленото. Во болница во Охрид, тогаш, лекарот и не ја ни прегледа туку ја упати на ехо на колено. По тоа немаше кој да ја прочита снимката. Отидовме и вечерта, но лекарот на физикална не „откачи“. Моравме да отидеме на приватен лекар, да правиме магнетна резонанца…

-Како и да е, по девет месеци коленото на ќерка ми уште не е санирано, ни се пожали Тони Василевски.

Може само да се претпостави колкава е неговата огорченост од здравството за кое цел живот издвојува средства. За жал, многу, многу има како Тони. Во Македонија стана вообичаена неможноста да се дојде на ред за преглед, за снимање, за читање резултати, за добивање терапија…, да нема соодветни лекови… Плус лоши се условите за работа, не се реновираа повеќето болници, намалениот е број медицински персонал, нема доволно соодветни медицински апарати (или пак ги има ама чмаат по магацини)…

Заминуваат лекари, се гаснат одделенија

Граѓаните негодуваат, реагираат и укажуваат дека стануваат жртви на така заболениот систем

– Македонското јавно здравство е во очајна состојба. Потребни се темелни реформи. Сакам да бидам третиран хумано и професионално и ми пречи хаосот и неорганизираноста во здравствените установи. Вработените службеници наместо да ја олеснат работата од нестручност и незнаење дополнително ја отежнуваат и пациентот на крајот секогаш е жртва, потенцира Горан Михајлоски.

Од друга страна, Горан Димитров, претседател на Македонско лекарско друштво во медиумите постојано посочува дека според неофицијални сознанија, годишно земјава ја напуштаат околу 200-250 лекари, а околу 150 лекари заминуваат во пензија. Во земјава, како што се наведува веќе има недостиг од околу 11.500 разни стручни медицински работници. Болниците остануваат без кадар, посебно во внатрешноста. Битолската болница веќе нема инфективно одделение, детското одделние во болницата во Охрид работи само како амбуланта, а таму на речиси сите одделенија има недостиг на лекари. Слично е и на други места.

На сето ова и организираноста во здравството е површна. Лани државните ревизори во битолската болница открија дека не се користи линеарен акцелератор купен за 1,6 милиони евра заради тое што не се создадени услови за негово активирање и по десетина години откако е платен.

-Условите по болниците се ужасни. Лекарите работата во ординации каде ни вратата не можат да ја затворат. Оптеретени се со голем број пациенти кои чекаат редови и бесот го истураат врз лекарите. Гледаме, иако не е често, и по некое медицинско лице кое се однесува како негова да е болницата, се обраќа без респект, а поради тоа не сноси никакви последици. Лоши се и апаратите, вели Биби Георгиева.

Последица на сето ова е големо незадоволство, и кај пациентите и кај лекарите. Неодамна протестираше здравствениот Синдикат за поголеми плати, а на почетокот на неделава во штрајк стапија околу 400 лекари специјалисти кои бараа поголеми плати, да бидат здравствено осигурани, да имаат подобри услови за да утре не го напуштат македонското здравство во кое има се помалку лекари специјалисти.

Каде се ветените нови болници?

Обидите на актуелните власти во изминативе години нешто да подобрат не вродија со плод. Реформата со која по клиниките се воведоа двајца скапо платени директори се покажа како промашена, платите на лекарите донекаде се зголемија, но не и доволно за да ги задржат лекарите, условите за работа не се подобрија многу, не се зголеми бројот на специјалистите, не се набави многу нова опрема, регионалните болници никако да се завршат, а наместо тоа власта ја форсираше идејата за изградба на сосема нов клинички центар во Скопје кој треба да чини повеќе од 500 милиони евра… Ама и за него само зборуваа, зборуваа… И матичните лекари се жалат на третман и исплата на обврските кон нив, а веќе 15-тина години не се проширува „позитивната“ листа на лекови за граѓаните.

-Здравството ни е дно. Се е отидено надолу. Тоа што 40 години плаќав здравство ништо не значи. Сега ако немаш пари за мито и за приватно да се лечиш, отиде јабана, се жали Слободанка Таушанова.

Сите овие проблеми и слабости на нашето здравство кулминираа во текот на двегодишната пандемија на корона вирусот, од чии последици во Македонија починаа околу 10.000 граѓани, со што бевме меѓу светски рекордери. Иако се ветуваше не се направи анализата за смртноста, не се извлекоа поуките од немањето на јасни протоколи. Едноставно, таа институционална слабост се стави под тепих, а некои актери од тоа време дури и глас за пратеник бараат.

– Во моментов најбитно е да се направи прочистување на вработените, да се спречи партизацијата и партиското вработување, да се избираат способни и квалитетни кадри. Здравството треба да биде ставено во приоритетите на државата. Ние сме мала држава и со еден вистински бајпас можеме да имаме многу квалитетно здравство, смета Горан Михајлоски.

Слободанка Таушанова бара нови болници.

-Треба да се изградат нови клинички центри низ градовите, да им се дадат поголеми плати на здравствените работници. Но, треба и да се провери стручноста на сите, потенцира таа.

Лек за болното здравство мора брзо да се најде. Кој ќе биде лекарот што ќе ја препише терапијата ќе се знае по изборите.

 

Болниците во Штип и во Кичево никако да се завршат

Околу 35.000 жители на Кичево над 30 години чекаат новата болница. Со години се добиваат нови ветувања од секоја власт, но и по три и пол децении објектот се уште е во изградба. Штипскиот клинички центар, пак, веќе цели осум години никако да се догради иако во 2016 година се ветуваше дека ќе се заврши за две години. Граѓаните во овие два големи града се лекуваат во старите здравствени објекти.

-Денес ги видов просториите, сум бил тука и порано како лекар, тие не заслужуваат така да работат. Ова навистина не личи на ништо, на 21 век, изјави лани тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити при посетата на штипската болница.

Гореа пациенти во Тетово, на „Онкологија“ пак…

Покрај површноста, во здравство царува и неодговорноста. Ужасниот пожар во тетовската модуларна болница во кој пред три години изгореа 14 лица заврши без вистински казни за одговорните. Двајца обвинети беа осудени на условини казни, а еден ослободен од обвинение. Сега, пак, се чека на расплет на случајот „Онкологија“ кој започна со страшните сознанија дека се краделе терапиите од болни од карционом и се препродавале на други лица. Обвинителството соопшти дека сега се осомничени пет лица за кривичното дело Измама…

 

Претходна вестКовачевски: Нам не ни треба национално единство за мораториум
Следна вестДенеска изменет режим на сообраќај во Скопје