Прв ден „Викенд без ДДВ“: Дома треба магацин да направам за да заштедам 700 денари

Продавниците денеска не се наполнија со потрошувачи како што очекуваше Владата. Едноставно, првиот ден од „Викенд без ДДВ“ скопјани многу повеќе го искористија за прошетка по парковите, на кејот, на Водно… Скромна беше посетеноста во продавниците за ИТ опрема и за разни домашни производи, немаше голема развиженост ниту во големите трговски центри.

-Сонцето го ловам, него ќе го нема уште малку кога ќе почне зимата, а пари немам доволно за трошење на ИТ техника иако ќе ми се врател данокот, ни прокоментираа двајца родители со деца во градскиот парк, зошто денеска не го искористат денот за пазарење.

-Данокот за храна е мал. Треба дома магацин да правам за да заштедам 700 денари. Бесмислено е тоа, сите пари на храна треба да ги дадам, затоа само ќе си прошетам и доста е. Владата мора поконкретна мерка да даде за да ни помогне, оваа е недоволна и неизводлива за поголем ќар, ни посочи скопјанка која ја сретнавме во ГТЦ.

Наидовме и на скопјани кои ни најавија дека ќе ја искористат можноста за купување, но тоа ќе мора да го сторат утре.

-Сакаме да си купиме мебел. Има неколку македонски производители па ќе видиме дали утре нешто ќе избереме, ни вели брачен пар од Карпош.

За потсетување, антикризната мерка „Викенд без ДДВ“ почна денеска и завршува во понеделник. Граѓаните ќе можат да купат роба што е произведена во Македонија или да купат компјутери и ИТ опрема, но и да собираат сметки од кафеани, фризерски и козметички салони до износ кој не надминува 30.000 денари.

Мерката важи само за граѓаните кои ја имаат апликацијата Мој ДДВ.

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ бара истрага за доделените 270.000 евра на фризерница
Следна вестРекордни 393 нови случаи на ковид-19 во Македонија