Колумна на Габриела Арсова:
Велат во малите места помалку се има, помалку се троши, полоше квалитетот на животот… На прв поглед видно е така,но дали е баш така? Од урбан, па и социјален аспект –веројатно да. Но од многу други значајни аспекти и не е баш така. Она што го има во малите места , а го има во изобилие,во високо урбаните средини не може ни да се плати. Чист воздух, природна вода, здрава храна – колку и да имате, колку и да сте подготвени да потрошите не може да ги купите.
Привилегијата петелот да ве разбуди со кукуригање е ексклузива на малите места. Во мугрите го слушате како да е некаде далеку, далеку, некако бледо, матно и како се разденува кога сте веќе наспани,ви се чини на уво ви кукурига. Чудо.Нестварно. Многу различно од будењето со алармот на телефонот. Па макар било уснимено кукурикање на петел.Нема стрес, нема срцебиење, нема„ух, само уште 5 минути… “
Станувате, отворате прозорец и во истиот миг ве облева свеж,чист воздух, богат кислород. Благодарение на планината, благодарение на шумите се ужива овој благодет од утро до мрак. Интригира, зарем не? Посебно сега во вакви времиња, невремиња…
Денот секако започнува со утринска гимнастика…берење јаготки, малинки, капинки, рибизли, зависно од сезоната. Ако сте си засадиле се разбира. Клекни, стани,истегни се и се така безброј пати. Теретана на чист планински воздух – ем затегнати мускули, ем дробови полни кислород. А како фон – оркестар од птици во нестварна синхронизација и хармонија.Ретко ќе се чуе шум од трактор или возило на патот. Само колку да потсети на убавината на мирот, на тишината, на спокојот. На песната на птиците.
Ма не можам да ви го опишам задоволството, ќефот што би рекле, кога ги береш плодовите во кои си се вградил себе си. Сопствениот труд, грижа, исчекување и надеж дека ќе се роди.Неописливо е задоволството да се вкуси штотуку набраната малинка полна топлина и живот. Нема грижа, нема мисла дали е прскано, како е одгледувано, низ колку раце минало… Береш и јадеш. Сосема различно чувство од она на купувањето во пиљара или маркет. И сосема поинаква филозофија.Се разбира останува нешто и за компот, слатко, сок. Да има за зимата. За меракот да се задоволи.
Животот во малите места, животот во синхон со природата ве учи и на трпеливост, и на истрајност,и на посветеност и да… ве учи на еден посебен вид психичка стабилност.
Кога ќе помислам подобро – овие бобинки кои природата нам ни ги дава во изобилие во големиот град се вистинска реткост, екстремно скапи, практично никогаш свежи. Колку ли се и органски во напорот да им се одржи свежината?!… Да, а ние си ги имаме и по дворовите. И се вистински дар од природата. Кога би се ставиле во потрошувачката кошничка како основни намирници, а треба да се, логично следи заклучокот – можебиво малите места помалку се има, помалку се троши, но значајно поквалитетна, позрава, посвежа храна се јаде. Безмалку бесплатно. Незамисливо во големиот град.
Денот уште незапочнал, а моето пишување треба да заврши… До следната недела!