Мандатарот Џафери предложи комплетна техничка влада, изборот во парламентот започнува утре во 11 часот

Целосно пополнет предлог-состав на техничката влада, вклучувајќи ги и кандидатите за министри од ВМРО-ДПМНЕ, поднел мандатарот Талат Џафери денеска до македонското Собрание. Поднесена е и програма за работа на преодната влада, а материјалите им се доставени на сите пратеници.

Во програмата објавена на веб-страницата на Собранието, меѓу другото, пишува дека врвен приоритет на Владата е подготовка и организирање на слободни, фер и демократски редовни претседателски и парламентарни избори на 24 април и 8 мај.

Утре во 11 часот ќе започне собраниската седница со единствена точка на дневен ред – избор на Влада на Република Северна Македонија. Утрешната седница може да трае најдоцна до полноќ – кога треба да се избере техничката влада. Иако седниците за избор на влада може да траат и по два дена, не се очекува пробивање на роковите, бидејќи утре е 100иот ден пред парламентарните избори закажани за 8 мај. Парламентарното мнозинство треба да обезбеди 61 пратеник кој ќе гласа ЗА техничката влада. ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка, но најавија дека нивното учество ќе биде со цел да обезбедат фер и демократски избори и да спречат евентуални неправилности.

Во состав на преодната влада, прв вицепремиер, ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто така ќе ја извршува и функцијата вицепремиер за европски прашања, додека пак Артан Груби ќе биде министер само за политички систем.

Предлог министри од опозицијата се Панче Тошковски за технички министер за внатрешни работи и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика. Елена Петрова е дополнителен заменик– министер за финансиии, за информатичко општество и администрација предложен е Стефан Андоновски, а за земјоделство Цветан Трипуновски.

Денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повтори дека неговите пратениците нема да гласаат за техничката влада, иако партијата достави свои предлози за технички министри. Тој нема никакви очекувања ниту од техничкиот премиер Талат Џафери.

-Тоа е човекот којшто од почеток до крај, како претседавач во македонскиот парламент, направил многу противуставни и противзаконски потези. Очекувам продолжување на лошите политики. Иако можеби некогаш сме биле едногласни дека од ова полошо нема, мислам дека тоа е песимистички став, треба да сме оптимисти, сепак очекувам дека во овие сто дена ќе биде полошо, изјави Мицкоски денеска.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, со видео обраќање порача оти утре е историски ден, бидејќи се гласа за прв премиер – Албанец.

-Утре, недела, 28 јануари 2024 година, го избираме првиот премиер Албанец во Република Северна Македонија. Овој ден е историски како за Албанците, така и за Македонците и за сите други бидејќи стануваме рамноправна држава и општество и ги надминуваме сите предрасуди. Заедно, ја преземаме одговорноста да ја водиме државата, не еден по друг, туку рамо до рамо еден до друг, заедно, за европска Македонија, рече Ахмети.

Претходна вестБорко не запира,Вардар се засилува пред плеј-офот
Следна вестШто пишува во Програмата на техничката влада: Ќе продожат започнатите процеси со ЕУ, се очекува „успешно продолжување на видливите и препознатливи политики на претходната Влада…“