Маричиќ: Доколку апелите за дијалог не вродат со плод кај ВМРО-ДПМНЕ ќе тргнеме во разговор со секој пратеник

Лидерската средба беше одличен чекор во вистинска насока и на таа средба се видоа условите и на Владата, односно на СДСМ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, и во наредните денови можеме да ги поместиме позициите, но тоа секако, треба да биде во реални рамки, смета вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Маричиќ, во гостување на телевизија Сител, посочи дека треба да се продолжи од таму каде што застана лидерската средба, но тоа да биде во реални рамки и со разумен разговор.

– Ќе дадеме уште некоја шанса во наредните денови за опозицијата, сепак, да пристапи кон овие разговори за да можеме заеднички да го договориме и спроведеме планот за уставни измени. Доколку тоа не се случи и доколку апелите за разумен дијалог од наша страна не вродат со плод кај ДПМНЕ, ние секако дека ќе тргнеме во разговор со секој пратеник, рече Маричиќ.

Според Маричиќ, предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се движи во нереални рамки и надвор од преговарачката рамка, што значи повторно преговарање на рамката која што е веќе усвоена минатата година.

– Сметам дека е разумно и одговорно, да седнеме, сакаат тимски, сакаат поединечно, сакаат пак лидерска средба и да разговараме таму каде што застана лидерската средба, во наредните денови јас сум сигурен дек може да ги поместиме позициите, но доколку сето тоа биде во реални рамки. Ние може да бараме Бугарија да нема право на вето или да ги смениме правилата во ЕУ, во минатото сме се обидувале да ги смениме правилата во НАТО, не сме успеале и затоа треба да имаме разумен начин на разговор каде заедно ќе ја преземеме одговорноста, ќе ја споделиме одговорноста во таа заедничка влада и ќе им олесниме на граѓаните дека навистина имаме европска перспектива, истакна Маричиќ.

Претходна вестГерманскиот парламент ќе донесе резолуција за поддршка на членството на  Македонија во ЕУ и потврда на македонскиот јазик и идентитет
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Го охрабруваме Европскиот совет сериозно да ја разгледа нашата позиција