Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ има сосема различно гледиште од министерот за надворешни работи Бујар Османи околу тоа дали се можни нови бугарски блокади врзани за евроинтеграцијата на Македонија. Маричиќ денеска изјави дека сите наши обврски се јасно напишани.
-Сите наши обврски со Бугарија се напишани на хартија и се вградени или во Преговарачката рамка или во заклучоците кои ги имаме од Советот на ЕУ од минатата година, така што она што можеме да го очекуваме е предвиливо, рече Маричиќ, кој потенцира дека не очекува нови блокади од Бугарија по уставните измени.
Тој одговараше на новинарски прашања по потпишувањето на финансиската спогодба за ИПАРД 3, а ова го одговори на прашањето да даде коментар на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) истакна дека Северна Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ, но и дека е сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања.
Маричиќ денеска рече дека не знае што кажал Османи, но напомена дека она што ќе се случува по уставните измени е извесно.
-Прво знаеме дека по завршувањето на уставните измени, автоматски треба да се свика втората Меѓувладина конференција и за тоа имаме цврсто уверување и од шпанското претседателство и од наредните… Секоја држава-членка во текот на преговорите може повеќе пати да отвори прашање, но мислам дека по завршувањето на уставните измени веќе никој, а особено Бугарија, нема да има кредибилитет да прават каква било блокада, бидејќи сметам дека беа доволно блокади, рече Маричиќ.
Бујар Османи неодамна во интервју за германскиот дневен весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ изјави дека влезот во ЕУ е најдобрата гаранција за идентитетот. Според него, граѓаните во земјава се против идентитетско-политички конфликти во процесот на проширување на ЕУ, но во оваа насока додава дека од предложените уставни измени нема таква опасност. Сепак, прашан дали по уставните измени може да се очекува нова препрека од Софија, Османи одговори дека не се знае што може да се случи утре.
-Динамиката во бугарската политика е толку несигурна што не се знае што ќе донесе утрешниот ден. Прилично сум сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања, рече Османи.