Кога ги чув тие зборови од покојниот Д. Миладина, на срце ми паднаа и си реков со умот, чекај и јас песни ќе пишувам. Отпрвин само песни записував, а кога во Чолаковиот Зборник оти имаше и приказни печатени, а пак јас знаев сто и педесет приказни, почнав да си ги пишувам по една – две во недела… Вака во својата Автобиографија Марко Костов Цепенков го запишал своето сеќавање на средбата на Димитар Миладинов со неговиот татко Коста на која му кажал дека запишувал песни и други народни творби „за да останат за споменот за нашето потекло“. Тоа било доволно младиот Марко, кој се родил на денешен ден, на 7 ноември 1829 година во прилепското село Ореовец да почне и тој да ги собира народните умотворби ширум Македонија.
За таа цел пречка не му било ни тоа што е роден во сиромашно семејство и заради тешката материјална состојба, основно образование учел само една година, а потоа продолжил да го учи терзискиот занает. Работел како терзија во Струга, Кичево и Крушево, а во Битола кратко време со неговиот татко држеле и дуќан за тутун. И покрај отсутството од образование самиот го усовршил читањето и пишувањето преку „Букварот“ и „Псалтирот“. По враќањето во Прилеп отворил свој дуќан и станал мајстор терезија а љубовта кон книгата ја негувал преку читање на житија, вечни календари, списанија и други текстови а се зафатил со учење на грчкиот, влашкиот и турскиот јазик.
Сознанијата велат дека првите записи за македонски народни песни и приказни ги запишал во периодот 1856-57 година, што значи кога имал околу 27 години. А потоа, собирањето на народното творештво продолжило и во наредните 40 години во текот на кои Цепенков ќе стане најголем собирач на македонски народни умотворби. Во вкупниот број на публикувани и непубликувани негови дела можат да се набројат повеќе од 5.500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјал (речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и народната аргономија и сл.).
Сето е собрано во десет книги и тоа сега има непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, за лингвистиката, за националната историја, за правото и за моралот на Македонците. За разлика од другите најистакнати собирачи на македонските народни умотворби – браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Стефан Верковиќ, кои во својот фонд собрани фолклорни материјали имаат и такви што ги добиле од други запишувачи, Марко Цепенков лично самиот ги запишал своите фолклорни и етнолошки материјали. И по вкупниот фонд на собраните народни умотворби, како и по жанровската разновидност на собраните фолклорни материјали, Марко Цепенков е најзначајниот собирач на македонските народни умотворби.
Своите запишани фолклорни и етнолошки материјали Марко Цепенков ги собрал претежно од Прилеп и неговата околина, но и од Битолско, Скопско, Штипско, Велешко и Дебарско. Соодветно на обемниот фонд собрани народни умотворби, голем е и бројот на интерпретаторите од кои Цепенков ги слушал и запишувал своите фолклорни материјали.
Освен што собрал огромен фолклорен Цепенков пишувал и свои лични творби; драмата: „Црне војвода“, „Автобиографијата“, песните: „Мојата песна“, „Редењето на дедо Марко Цепенков“, „Мајка Македонија ги советува своите чеда да востанат против тиранијата на Турците“, „Македонцко тажејње“, „Позив од Мајка Македонија“ и др.
Со сето тоа Марко Цепенков има немерлив придонес во македонската фолклористика и културата воопшто. Тој починал на 29 декември 1920 година.