Мечките од Маврово и Ростуше ќе се префрлат на три други локации

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министеството за животна средина и просторно планирање во соработка со научни институции се задолжуваат во рок од 3 месеци да достават можни локации каде би можеле да се дислоцираат/префрлат кафеавите мечки, една е одлуките кои Владата вчера ги донесе за да се реши проблемот со мавровските мечки.

Владата вчера ја разгледа и усвои Информацијата по однос на состојбата на кафеава мечка, дивеч под заштита кој е трајно забранет за лов и зголемениот обем на штета која овој дивеч ја причинува врз имотот и добрата на граѓаните на државава.

Задолженијата кои министерствата треба да ги спроведат во точно определени рокови предвидуваат изработка на акциски план за управување со кафевата мечка, формирање интервентен тим и список на можни локации за дислоцирање на овие животни.

-Министерството за животна средина и просторно планирање во рок од 12 месеци треба да изработи акциски план за управување со кафеава мечка за територијата на Република Северна Македонија. Министерството за животна средина и просторно планирање е задолжено во рок од 3 месеци да направи анализа од регионот за формирање интервентен тим за крупни ѕверови и да ја информира Владата, се наведува во соопштението.

За координација на активностите на институците, како што информираа од Владата, е задолжен директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

-Директорот на Центарот за управување со кризи е задолжен да ја организира координацијата на активностите на институциите во спроведување на мерките, да организира и спроведува контрола над нивната имплементација како и да предлага нови мерки покрај донесените и препорачани од надлежните институции за создавање на услови за намалување на појавата на кафеава мечка во урбана средина, информираат од Владата.

Од Општината Маврово и Ростуше кон крајот на септември побараа Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на Општината поради зголемено присуство на кафеавата мечка на овие простори и опасноста што таа ја претставува по животот на граѓаните.  Според проценките на Општина Маврово и Ростуше, на територијата на националниот парк има од 160 до 180 мечки, а според одредени норми од стручни лица, нивниот број би требало да биде 70.

Претходна вестБолницата во Газа погодена со ракета, стотици загинати и повредени
Следна вестПревентивни активности на МВР: Основци слушаат предавања против дрогата, насилството, говорот на омразата и трговијата со луѓето