Медицинарите на протест: Се бара покачување на платите за 15 отсто

Незадоволство од непотпишувањето на анексот на Колективниот договор со кој платите на сите вработени во дејноста треба да се покачат за 15 отсто, изразија на денешен протест вработените во здравството. Тие наведуваат дека платите треба да се зголемат согласно зголемувањето на минималната плата во март.

Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на протестот рече дека нема да отстапат од барањата се до потпишување на анексот на колективниот договор.

-Го искажуваме незадоволството од непотпишувањето на анексот на Колективниот договор за здравствена дејност кој требаше да се применет со оваа мартовска плата. Многу посилна порака е до политичките партии кои претендираат да ја освојат власта, да сфатат дека одма по формирањето на новата влада треба да се пристапи кон потпишување на овој анекс на колективниот договор, рече тој.

Претседателот на Синдикатот на Клинички центар Предраг Серафимовски упати апел до сегашниот министер да се доврши изработката на колективниот договор и истиот да се стави на маса и да се потпише.

-Апелираме Клинички центар да се врати во една целина, со еден директор и еден управен одбор за да се знае што и како, кој работи, пошто има 66 директори, 33 управни одбори, има голем одлив на пари. Тие само ако го вратат Клинички центар, со тие пари може да ги покачат платите на вработените во здравството, рече Серафимовски.

Серафимовски го истакна и проблемот на приватните специјализанти и на вработените со договор на дело на определено време.

-Предлагаме луѓето да се запослат во клиниките и државата да им ги исплати специјализациите и да останат во јавното здравство за да помагаат на народот. Имаме максимален одлив на сите профили. Крајно време е сите политички партии да си го стават прстот на чело, порача претседателот на Синдикатот на Клинички центар.

Претходна вест30 години работев во новинарството и јавно прашувам колку новинари, мои колеги, имаат дозвола за оружје, прашува Стоилковски
Следна вестНЕ КОРИСТИ МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН ДОДЕКА ВОЗИШ!