Штета, најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ синоќа не успеа да го комплетира календарскиот гренд слем. Загуби во финалето на Ју-ес опен од одличниот Русин Данил Медведев.
Со ова Ѓоковиќ ја испушти шансата да ги освои сите четири гред слем турнири во една година и со тоа и фактички да потврди дека е неприкосновен во тенисот. При крајот на мечот тој и се расплака.
-Притисокот и очекувањата беа огромни, пред и за време на овој турнир. Се трудев да останам во моментот, да се концентрирам на наредниот чекор, сепак целиот тој процес е исцрпувачки. Чувствувам тага и разочарување, испуштив голема шанса. Не е лесно да се поднесе ваков пораз. Од друга страна, енергија, љубовта и поддршката која ја добив од публиката е нешто што засекогаш ќе го паметам. Навистина ми го наполнија срцето со емоции. Заплакав пред последниот гем, бидејќи емоцијата беше единствена. Никогаш, овде во Њујорк не сум доживеал нешто такво. Ми се собра се она што го доживував овде во претходните години, во големите мечеви… Чувствувам дека не заслужив третман каков што често добивав. Крајот не е совршен, но морам да бидам задоволен поради се што направив. Успешна година е ова, три гренд слем титули и едно финале. Секако дека поразот ме боли, човек сум, имам емоции, но секогаш се потсетувам себе си колкава среќа има во животот – Бог и ангелите ме поддржуваа низ годините, вечно сум им благодарен, истакна по мечот Ѓоковиќ.
Сепак тој порачува дека и во 35 година од животот има простор за напредок во неговата игра.
Од друга страна со свое видување излезе и рускиот тенисер:
-Прв пат сум толку нервозен на ваква церемонија. Извините навивачи, Новак извини, сите знаеме што бркаше денес. За мене ти си најдобриот тенисер во историјата, истакна Медведев.