Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити е во работна посета на Обединетото Кралство, кадешто вчера оствари средба со специјалниот претставник на премиерот на Обединетото Кралство за трговија со Западен Балкан, Мартин Викерс, главниот оперативен директор на „ International Hospitals Group“ (ИХГ), Симон Ешворт и со заменик-шеф на одделот за здравство (инфраструктура, едукација и тренинг) во Министерството за бизнис и трговија, Дејвид Шепард.
-Во фокусот на средбата беше планирањето на следни активности за изградба на нов Универзитетски клинички центар. Ќе се формира работна група составена од претставници од повеќе министерства, кои ќе имаат различни надлежности во однос на проектот, а како следен чекор што ќе се преземе е ревизија на веќепостојната студија за изводливост, се наведува во соопштението.
На состанокот се говореше за актуелните предизвици и приоритети, со цел унапредување на здравствените услуги, како и иницијативи и проекти од областа на здравството. Двете страни изразија интерес за планирање здравствени едукации и размена на здравствени кадри меѓу двете земји. Меџити изрази голема благодарност за досегашната поддршка од Обединетото Кралство и истакна дека е од голема важност обучувањето на нашиот персонал за работа по најнова методологија во повеќе области на медицината.
Во јуни годинава Меџити изјави дека новиот Клинички центар е проект што останува како приоритетен во неговиот фокус.
-Тоа прашање бара многу подготовки. Заинтересирани се англиска и турска компанија, но и други компании, истакна Меџити одговарајќи на новинарско прашање по повод 100 дена од стапувањето на министерската функција.