Поставувањето пратенички прашања се злоупотребува, обвини координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Мицевски на денешната Собраниска седница наменета за поставување пратенички прашања. Според него, од вкупно 33 писмено одоговорени пратенички прашања, поставени на минатата седница, 23 се на власта, а само 10 на цела опозиција, односно шест на ВМРО – ДПМНЕ и четири на другите опозициски пратеници.
– И повторно имаме изигрување на институтот пратенички прашања и повторно алатката за поставување пратенички прашања од опозицијата се злоупотребува. Повторно од 33 одговори на писмени пратенички прашања, од кои 23 се одговори на пратеници на власта. Станува иронично и смешно ова што се случува, пратеници од власта кои имаат директен пристап до министерствата и министрите, бидејќи доаѓаат од нивните редови, пратеничките прашања да ги поставуваат писмено и на тоа веднаш да добиваат одговори. А прашања поставени усно на минатата седница на колешка од опозицијата на која и беше речено дека трите одговори ќе ги добие писмено за оваа седница има добиено само еден одговор, рече Мицевски од собраниската говорница.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, побара да се стрпат до следниот собраниски мандат од кога треба да почне со примена новиот деловник и оти сега пратениците имаат такво деловничко право.
– Да се стрпите до примена на новиот деловник, кога ќе нема таква можност. Не е злоупотребено, ова е деловничко право на пратеник, не кажува опозиција, власт. Меѓу две седници пратеникот зборува за пратениците не за опозиција и власт, има право да поднесува и поставува пратеничко прашање до соодветното министретство, односно институција. Ќе се стрпите уште пет-шест седници, од наредниот мандат тоа е дефениринано прецизирано во крајна инстанца, рече Џафери