Ако вие имате корумпирани судии коишто се во највисокото тело а тоа е Врховниот суд, тогаш можете да замислите што се случува надолу, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој рече дека истрагата потврди дека не е само врховниот судија, туку спогодба со Обвинителството постои и кај Иџет Мемети, член на Советот на јавни обвинители.
-Затоа довербата во судство е два проценти. Се’ додека не се распуштат овие луѓе, нема да имаме правна држава, изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање дали е задоволен од изречените казни на Иџет Мемети и Наќе Георгиев после спогодбата со Обвинителството.
Мицкоски потенцираше оти е задоволен што во техничката влада МВР спровело акција, која покажала дека имаме корумпирани судии во највисокото тело – во Врховниот суд.
-Прво, сакам да изразам задоволство што во техничката влада МВР спроведе перфектна акција кога за првпат на дело покажа дека имаме корумпирани судии во највисокото тело, тоа е Врховниот суд и ако вие имате корумпирани судии коишто се во највисокото тело а тоа е Врховниот суд тогаш можете да замислите што се случува надолу. Понатаму, во истрагата се потврди дека не бил сам врховниот судија, туку и лицето за кое што исто така постои спогодба со Обвинителството, а тоа е Иџет Мемети како претседател на Советот на јавни обвинители. Јасна е спрегата меѓу судско обвинителскиот систем кај нас. Затоа довербата е два проценти, затоа што едни тефтерчиња од едно минато се заменија со други тефтерчиња, само овие се од Струмица, од „Бихаќка“ и од Речица. Се’ додека имаме тефтерчиња и се’ додека не се распуштат овие луѓе, нема да имаме правна држава, изјави денеска Мицкоски по посетата на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија во Скопје.