Ќе се борам за остварување на тсратешките цели. Членството во Европската Унија ќе биде нашата цел и добрите релации кон нашите стратешки партнери. Но ние немаме да се загубиме на тој пат преку непринципиелни договори штетни за државата, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за формирање нова влада Христијан Мицкоски. Тој во Велес се обрати на свеченоста „34 години ВМРО-ДПМНЕ, 131 година ВМРО, завет, слобода, иднина, продолжуваме“ при што искажа почит кон сите негови претходници и членови на партијата. Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ е сега обединета и силна и останува тоа што отсекогаш била партија на народот.
-Нашиот излез ќе биде нашата работа, нашата иднина ќе биде нашата сила добиена од волјата на народот. Македонија ќе ја вратиме на народот. Создаваме Влада која е посветена на враќање на Македонија на нејзиното вистинско место како просперитетна, праведна и динамична демократија. Нашата носечка цел е да ја обновиме довербата во институциите на државната власт, да ја елиминираме корупцијата и да обезбедиме владеење на правото. Почнуваме да ја реализираме нашата визија за Македонија која повторно е во рацете на народот, каде секој граѓанин има можност да напредува и да живее достоинствен живот. Следуваат многу нови и убави работи во првите сто дена. Ветувам беспоштедна работа за нашата заедничка иднина, нагласи ртој.
Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ имала многу светли моменти, брилијантни чекори овие 34 години кои не направиле горди, ни го зајакнувале чувството на достоинство и гордост, но исто имало и моменти кога се грешело, кога се имало политики кои не секогаш биле разбрани на правилниот начин или биле толерирани поединци кои нанесувале штета.
-Како актуелен претседател ќе се однесувам со еднаква почит кон секој претходен претседател на ВМРО-ДПМНЕ и кон Љубчо Георгиевски и кон Никола Груевски, без оглед на тоа колку се далечни или блиски нивните ставови со она што е ВМРО-ДПМНЕ денес, најважно е што ВМРО-ДПМНЕ обединета, силна и останува она што била отсекогаш-партија на народот, нагласи тој.
Во однос на СДСМ рече дека знае дека состојбите во СДСМ се очајни.
-Нема да им работам позади грб, ниту ми паѓа на памет да им се мешам. Тие од мене, како претседател на партија која посакува и работи за македонско национално единство имаат подадена рака за дијалог за сите крупни прашања за државата и од важност на граѓаните. Им подавам рака за македонско национално единство за сите важни прашања за државата. Посакувам да ги надминат огромните проблеми и да седнеме на маса да разговараме за иднината на нашата татковина. Секако ова никако не треба да го сфатат како амнестирање од одговорноста за криминалите, но значи дека во нив ќе гледам партнер со кого имаме одговорност поради сегашните и идните генерации да работиме на создавање на единствени државни позиции кога станува збор за суштинските прашања од важност за Македонијанагласи Мицкоски.
На новите функционери им порача дека има само една порака – Засукајте ги ракавите, не чека работа!
-Македонија треба да ја вратиме на народот. Да носиме инвестиции, жилаво и напорно да се бориме да го покачиме животниот стандард. Македонија да ја менуваме кон подобро. За вас, за тебе, за вашите поколенија. Преку крупни и силни реформи да покажеме дека Македонија е на народот, не на кликите, елитите и групите кои ја крадеа и парчосуваа. Нема тајни формули, лажни верувања или суеверија. Рецептот за успехот е работа, чесност и посветеност. Никој од вас овде во салата не смее да застрани, рече тој.