Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски испрати честитка по повод најголемиот христијански празник Велигден
– Благодат за секој еден од нас која произлегува од радоста на Христовото Воскресение кое пак, еве веќе два милениума претставува најмаркантниот настан во историјата на човештвото, но и сведок за неизбежноста на победата на доброто врз злото. Живееме во време полно со предизвици, поделби, гнев, со омраза едни кон други, но и во време на големи неправди. А тоа највеќе нé боли!
Кога гледаме дека од нашите раце сакаат да ја оттргнат надежта, соништата – нашите најмлади членови на ова општество кои притиснати од очајот на властa се приморани да ја бараат својата среќа во други држави, надвор од нивните родни огништа!
Имаме задача – моја, ваша, заедничка – да му ставиме крај на ова сивило и да ги промениме работите! Да ставиме крај на неправдите и на заедничките болки што предизвикуваат заеднички страдања! Заедно да се избориме за нови стандарди! Друга опција немаме, и ова е Македонија за која се бориме.
Ова е Македонија во која веруваме! Ова е Македонија за која вреди секоја наша болка, секоја промена, секоја возобновена надеж, секоја заедничка иднина. Да ги кренеме главите, и да покажеме што можеме. Со срце, со ум. Заеднички. За неповторливата шанса на нашата генерација.
Драги браќа и сестри,
Историјата нé учи дека предизвиците и ударите врз нас никогаш не престанале. И денес се нападнати нашите темели кои се основата на сите наши силни колективни верувања, но и она што сме!
Овој пат разликата ќе ја правиме по мудроста што ќе ја покажеме и по обединетоста која мораме да ја имаме.
Во овие празнични денови испраќам и порака кон една од нашите најголеми идентитетски тврдини – Македонската Православна Црква – Охридската Архиепископија: единството и трепетот над македонскиот оган, како и секогаш низ вековите – да продолжат да бидат главната одлика.
Мудроста и разумот да продолжат да бидат главните двигатели на сите одлуки во овие историски времиња. Целосно знаејќи за она што сме и за она што мора да продолжиме да бидеме. И верувам дека нашата света црква како и до сега, ќе продолжи да биде големиот чувар на идентитетот на македонскиот народ.
Добрината и љубовта нека биде водилка во вашите срца, а светлината и топлината нека бидат присутни во сите наши домови!
Нека е за многу години Велигден! Христос воскресна! Навистина воскресна!“ порача Мицкоски.