Мицкоски: Данела Арсовска ги премина сите граници, претходната влада ја толерираше оваа акутна неспособност

Не можеме да бидеме неми и да гледаме како градот се гуши во ѓубре, како имаме расипани автобуси на секој чекор, како имаме дупки на булеварите, како се менуваат директори на јавни претпријатија секоја недела, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.

За време на посетата на Царинската управа тој рече дека како Влада се подготвени да ги решаваат сите реални проблеми.

-Граѓаните најмалку што сакаат е префрлање на вината. Ние сакаме да ги решаваме проблемите во главниот град и ветувам дека наскоро ќе ги решиме, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за најавата за одземање на ингеренциите на Град Скопје врз јавните претпријатија ЈП „Комунална хигиена“ и ЈП „Паркови и зеленило“.

– Не можеме да бидеме неми и да гледаме како градот се гуши во ѓубре, како имаме расипани автобуси на секој чекор, како имаме дупки на булеварите, како се менуваат директори на јавни претпријатија секоја недела. Градот мора да функционира и ова нема врска со политичките несогласувања што ги имаме со градоначалничката Данела Арсовска. А кога веќе ги спомнав несогласувањата, народот конечно сфати дека сме биле во право за сѐ што сме кажале во минатото. Сите граници се веќе одамна преминати. Искрено жалам поради тоа што претходната влада ја толерираше оваа акутна неспособност на градоначалничката, рече Мицкоски.

Претходна вестИзбран нов Надзорен одбор на ЕСМ
Следна вестПожарот на Галичица ќе се „пречека“ над Љубаништа, надлежните повикуваат да не се крева паника