Мицкоски: Договорот за добрососедство е веќе репреговаран со „францускиот предлог“, кон него може да се додаде и друг предлог со македонските барања

Договорот за добрососедство со Бугарија е веќе репреговаран, со додадавањето на т.н. „француски предлог“, од кои произлегуваат уставните измени, и јас не гледам причина, зошто кон него да не се додаде некаков друг предлог, што ќе ги опфати барањата на македонскиот народ,, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Во однос на  Преспанскиот договор со Грција тој рече дека тој е реалност и дел од уставниот и правниот поредок на земјата. Мицкоски вака ја прокоментира изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер, која во интервју за Радио Слободна Европа рече дека одновно преговори нема ниту за Преспа, ниту со Бугарија за ЕУ, тие договори се веќе направени и нема одново преговарање за напредок кон ЕУ.

-Што се однесува до Преспа ние уште пред многу години го имаме кажано нашиот став, а тоа е дека тој договор е реалност и е дел од уставниот и правниот поредок на Македонија како држава и тука никој не треба да има никаква дилема, а што се однесува во уставните измени, кои се дел од т.н. француски предлог, кој што е додаток на Договорот за добрососедство, односно репреговарање на Договорот за добрососедство и во однос на тоа нашиот став го знаете дека диктати и ултиматуми не преговараме, така што ако може Договорот за добрососедство да биде репреговаран и на него да му се додаде т.н. „француски предлог“ не гледам причина зошто да не се додаде некој француски предлог плус или некој друг предлог, кој ќе ги опфати барањата на македонскиот народ, на Македонците во Бугарија, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на поставување камен темелник на нова детска градинка во Бутел.

Мицкоски нагласи дека не може да водат политика на двојни стандари и оти ако се бара промена на Уставот за неколку стотини наши сограѓани, кои се декларираат како Бугари, тогаш треба да се земат предвид и правата на Македонците во Бугарија.

-Не можеме да водиме политика на двојни стандарди, ако бараме промена во Уставот во Македонија за неколку стотини наши сограѓани, кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница, тогаш треба да видиме што станува со оние граѓани кај нашиот источен сосед, кои што велат дека се дел од македонската заедница. Треба да си го поставиме прашањето зошто тие бараат да бидат дел од македонскиот Устав, дали нечии човекови права се загрозени. Ако е така тогаш треба да видиме во Европа, која е таа институција која е одговорна да донесе одлука, чии човекови права се нарушени или не се. Тоа е Европскиот суд за човекови права и ако ја погледнете денеска ситуацијата или спортски да се изразам семафорот ќе видите резултат 14:0, односно имате 14 пресуди за македонската заедница во Бугарија, чии што права се или ограничени или нарушени и нула за бугарската заедница во Македонија. Така што мораме да имаме политика, која не се темели на двојни стандарди. Таква политика води оваа нова влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и се додека сум јас претседател немам намера да водам политика на двојни аршини, рече Мицкоски.

Претходна вестРобот вработен во градската управа се „самоубил“, фрлајќи се по скалите
Следна вестЦИК на СДСМ: Изборите за лидер беа демократски и кредбилни, имаше само еден приговор