Мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го објави идниот состав на новата Влада. Вечерва по одржувањето на Извршниот комитет на партијата каде биле утврдени предлозите за кандидати за владиниот кабинет изјави дека и на Централниот комитет едногласно ги потврдиле предлозите. Тој објави дека ќе има три вицепремиери од неговата коалиција „Твоја Македонија“ и четврт од коалицијата „Вреди“.
Вицепремиер премиер и министер за транспорт и врски ќе биде актуелниот потпретседател на партијата Александар Николоски. Министер за надворешни работи ќе биде Тимчо Муцунски исто така потпретседател на партијата и актуелен градоначалник на општина Аердором, додека за одбрана Владо Мисајловски, поранешен министер за одбрана.
Министер за финансии ќе биде Гордана Димитриевска Кочовска за која Мицкоски рече дека има големо искуство за финансиите и макроекономското работење и која со него има работено во „Електрани на Македонија“.
Министер за енергетика и рударство е предложена Сања Божиновска, за која лидерот смета дека е експерт во енергетиката со големо искуство во големи компании.
Министер за земјоделство е предложен Цветан Трипуновски, кој беше дополнителниот заменик министер во земјоделие.
Министер за култура и туризам ќе биде актерот Зоран Љутков, за кој Мицкоски очекува дека ќе има шанса да ја промовира Македонија на надворешен план.
Министер за внатрешни работи останува техничкиот министер на оваа позиција Панче Тошковски, за кого беше речено дека се очекува бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата.
Министер за образование и наука ќе биде Весна Јаневска, која доаѓа од комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ.
-Се водев од принципот на чесност и работливост, се раководев тоа да бидат луѓе кои веднаш со мене ќе засукаат ракави зашто Македонија нема време за чекање, рече Мицкоски.
Име кое до сега не беше споменувано е министерот за локална самоуправа на која позиција ќе биде Златко Пирински, кој некое време раководел со кабинетот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Министер за информатичко општество и администрација ќе биде Стефан Андоновски, кој беше дополнителен заменик министер во техничката Влада во истиот ресор.
Министер за спорт ќе биде Борко Ристовски, ракометар и репрезентативец на Македонија.
Љупчо Димовски, претседателот на СПМ ќе биде заменик претседател на Владата и министер за политички систем.
Вицепремиер за односи меѓу заедниците ќе биде Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.
Шабан Салиу ќе биде министер без ресор, задолжен за интеграција на декадата на Ромите“, рече Мицкоски нагласувајќи дека станува збор за кандидати за функциите.
-Очекувам владата да биде избрана на 22-23 јуни и Македонија да ја вратиме на народот, тоа ќе биде Влада за тебе, рече меѓу другото Мицкоски.