Доаѓаат подобри времиња за граѓаните, за земјоделците, за пензионерите…, најави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Христијан Мицкоски. Тој попладнево во македонското Собрание го достави предлог-составот за новата Влада, а веднаш потоа им се обрати на граѓаните.
– Штотуку ја поднесов предлог-програмата за идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Заедно со програмата е поднесен и списокот за членовите на идната влада како придружен список се и нивните биографии. Очекувам пред пратениците да биде ставен викендов, односно на 22-23 јуни. Граѓаните очекуваат брзи резултати за она што оваа влада го ветуваше дека ќе го испорачува. Не ветувавме многу за време на кампањата, туку верувавме дека земјава ќе биде повторно на граѓаните. Изминативе седум години државата беше заробена од неколкумина властодршци, рече Мицкоски.
Тој истакна дека има група луѓе, којашто е мотивирана веднаш да постигне резултати и изрази очекување секој да се вложи повеќе од нивниот капацитет, бидејќи, посочи, граѓаните го направија своето, сега на ред сме ние.
– Ќе работиме на тоа да немаме поделба и политичка каста. Тоа јас лично го гарантирам. Верувам во секој од предложените функционеери дека ќе ги следи овие насоки. Доаѓаат подобри времиња за граѓаните, за земјоделците, за пензионерите… Планираме да ги зголемуваме пензиите, бизнис-околината да генерира поголеми приходи. Нема да газиме кал во 21 век. Сите ќе имаат вода за пиење, нема да има гужви во градинките, учениците ќе учат во топли училници. Ќе следуваат многу убави работи, почнуваме офанзивно. Сигурен сум дека нема да ја изневериме довербата. Нема да трошиме пари бадијала. Што се однесува до избори, ние уште утре сме спремни да одиме на нови избори, ама нема да го сториме тоа затоа што не сакаме да ги трошиме парите на граѓаните. Со тие пари потрошени за избори може да се направи нешто многу покорисно, истакна Мицкоски, ветувајќи им на пензионерите зголемување на пензиите за 5.000 денари.
Секој член на оваа Влада мора да има промакедонски ставови, додаде тој.
– Секој што ќе излезе од тие граници, нема да биде дел од оваа Влада. Очекувам сите да имаат промакеоднски позиции. Јас како мандатар и како иден претсетател на Владата очекувам секој функционер да има протатковински позиции. Што се однесува до безбедносните сертификати, можам да ви набројам многу членови на Влада кои немале сертификати, а биле дел од владат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Нагласи дека ќе води бескомпромисна борба со криминалот и нема да има толерирање, без разлика од која партија доаѓа злоупотребата. Мицкоски рече дека во последниов период до нив стигнуваат бројни информации за злоупотреби кои се случувале изминатите седум години.
— Планираме да расчистиме со сомнежите и информациите кои последниов период стигаат до нас, за многу злоупотреби изминативе седум години, тоа им го должиме на граѓаните. Очекувам брзи резултати во делот на економијата. Младите ќе бидат наш главен акцент, сведоци сме на класичен егзодус на млади кои ја напуштаат земјава, за жал 8/10 мои студенти кога ќе ги прашате за нивните планови по завршувањето на студиите, велат дека одлучиле да ја напуштат земјава. Таа перцепција треба да се промени, со напорна работа, без поделба од прв, втор и трет ред граѓани, рече Мицкоски.