Мицкоски ќе прифати минимална плата од 450 евра ако се усогласат работодавачите и работниците

Владата ќе го прифати се она што меѓусебе ќе го договорат работодавачите и работниците, рече попладнево премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече дека седницата на Економско – социјалниот совет е во тек и додека тој ја следел, на дневен ред не стигнала точната за зголемување на минималната плата на 450 евра.

-Работодавачите и работниците треба да се усогласат за минималната плата. Седницата се уште трае. Ние како Влада сме во една позиција поразлична и од едната и од другата страна. Условно, ако гледаме од аспект на централниот буџет, колку е поголем а минималната плата толку поголеми приходи ќе има Буџетот, но ние не сакаме да се мешаме. Ќе ги оставиме тие две страни, и работниците и работодавачите тие да се усогласат што е тоа кое што можат и едните и другите да го прифатат. Ние сме во случајот страна која е тука да фацилитира, а не да одлучува. Сето она што тие меѓусебе ќе го договорат ние како Влада, како страна ќе го прифатиме, рече премиерот Мицкоски.

Во буџетот за следната година се предвидени пари за усогласувања на платите, но премиерот Мицкоски вели дека доколку денес се донесе одлука за зголемување на минималната плата, средства ќе се обезбедат преку ребаланс на буџетот.

-Во буџетот се предвидени усогласувањата, но секогаш има ребаланс на буџетот така што од страна на Владата не е проблем. Ние ќе имаме приходи. Зголемувањето на минималната плата ќе биде на товар на работодавачите, тие ќе треба повеќе да уплатат во буџетот. Да речеме ако минималната плата била 100 парички, 40 проценти од тоа, по разни основи, влегува во Буџетот. Ако биде 120, 40 проценти од 120 ќе влегуваат во Буџетот. Државата профитира од тоа. Проблемот е кај работодавачите, дали тие како економија можат тоа да си го дозволат, дали можат да го направат и дали можеби потоа ќе има други трикови како пола-пола, еве ти вака па ти пола на рака, тоа е веќе друга тема, појасни премиерот Мицкоски.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов пред да влезе на денешната седница на Економско – социјалниот совет рече дека во буџетот за следната година кој е во собраниска процедура има пари за раст на платите, вклучително и на минималната плата за која тие бараат да порасне на 450 евра.

Претходна вестАвтомобил во сопственост на МВР излета од патот Охрид – Кичево, повредени полициски службеници
Следна вестЈанчева: Поради кавгите меѓу Мицкоски и Арсовска граѓаните на Скопје немаат превоз