Мицкоски ќе се консултира со експерти околу референдумското прашање

Ќе се консултирам со експерти за да јасно го дефинираме референдумското прашање и методологијата и по што ќе излеземе пред граѓаните, најави денеска Христијан Мицкосоки, лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Тој при посетата на општина Гази Баба беше прашан од новинарите за вчерашната најава дека најголема опозициска партија ќе собира 150.000 потписи на граѓаните за референдум против францускиот предлог.

Мицкоски рече дека се уште трае анализата на намерата.

-Сакаме тоа да се темели на факти и да немаме простор за дополнителни толкувања дека тоа можело да биде сфатено така или да биде сфатено онака. Затоа во периодот кој што следи дополнително ќе го искористам да се консултирам со експерти од оваа област и од уставното право а ги има многу кои што се и околу мене, но и тие кои што не се околу мене, за да јасно го дефинираме прашањето, и да јасно ја дефенираме методологијата со која што ќе излезиме пред граѓаните, рече тој.

Спореде него. суштината е дека процесот на билатерални разговори и преговори со Бугарија е еден процес, процесот на менување на Уставот и вклучување на дел од бугарскиот народ во преамбулата и во нормативниот дел е друг процес, и трет процес е прифаќање на предлог преговарачката рамка.

-И тие три процеси не треба да ги поврзуваме еден со друг иако некој сака тие три процеси да ни ги поврзе, нагласи Мицкоски.

Според него, „дипломатски нокаут и капитулација претставува вчера потпишаниот протокол помеѓу Македонија и Бугарија“.

-Тој протокол, практично, ја отвори врата за преговори за Албанија, а ја подзатвори за Македонија бидејќи, како што и самата Генчовска кажа, вистинската меѓувладина конференција нема да се одржи сега туку веднаш после промената на Уставот, а дека тоа нема да се случи гарант е ВМРО-ДПМНЕ бидејќи власта нема две третини во парламентот. Генчовска ни даде пример дека не го признава македонскиот јазик, дали ние реципрочно ќе одговориме дека не го признаваме бугарскиот јазик? Генчовска бара Бугарите да бидат дел од преамбулата и нормативниот дел во Уставот, а истовремено бара ние да се откажеме од нашите Македонци во Бугарија. Дали е тоа реципроцитет, праша Мицкоски.

Според него, Македонија вистинските преговори ќе ги започне дури откако ќе се направи промена на Уставот за вметнување на Бугарите, но такво нешто, тврди тој, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи.

-За Македонија да ги почне преговорите потребно е да се промени Уставот односно преамбулата, па дури потоа ќе биде свикана меѓувладина и ќе биде усвоена предлог-преговарачката рамка. Дека нема да се смени Уставот говори бројноста на пратеничката група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ – 44 пратеника плус пратеници од опозицијата кои се противат на идејата за промена на Уставот, така што во овој момент владата нема две третини што значи дека предлог-преговарачката рамка останува предлог, не усвоена. Бараме истата да претрпи измена во членот 4, алинеја 4, каде таа сега се повикува на билатералниот договор и протоколот што го потпиша Бујар Османи, вели Мицкоски.

Претходна вестБензините поевтини за 1,5 денари, дизелот со иста цена
Следна вестОбвинителството оформи предмет по сторијата на ИРЛ за клиниката „Жан Митрев“