Мицкоски: Ковачевски е измеќар на ДУИ

Дојде време уште еднаш да се слушне нашиот глас. Кога сонцето изгрева на денот на изборите, имаме свечена должност и света привилегија: да го дадеме својот глас и да го обликуваме текот на судбината на Македонија, порача синоќа претседателот од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Струмица.

Мицкоски посочи дека победата е на дофат, но не е доволно само да веруваме во подобро утре, затоа мора да дејствуваме, да се мобилизираме и да гласаме, за да немаат можност да не уценуваат никогаш повеќе.

– Ве повикувам да излезете на избори со гордост и со одлучност. Да тргнеме гордо и масовно на избирачките места, обединети за да може нашите гласови најсилно да одекнат низ сите краишта на Македонија. Заедно ќе изградиме иднина достојна за нашите амбиции. Заедно ќе го напишеме следното поглавје од приказната за нашата преубава татковина Македонија. Заедно ќе победиме, нагласи Мицкоски.

Тој му се обрати и на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски кој, како што рече, вината за големиот пораз и дебакл на изборите на 24 април ја бара секаде, само не во себе и во своите луѓе.

-Тој секаде и во сите ја бара вината за својот пораз и дебакл само не во себе си и своите луѓе. Многу погрешно потсетува на некои минати времиња, вика и се надвикува на полупразни митинзи дека ќе се врател режимот и не знам уште што. Па сакам да му одговорам. Тој може да се навраќа и за тоа што било пред 10 или 15 години, за тоа што било и пред 50 и сто години, но народот е незадоволен и револтиран затоа што сега лошо живее и затоа што нема пари да си плати сметки за струја, затоа што животниот стандард е уништен, рече Мицкоски.

Во однос на тоа што Ковачевски го нарекува режим, Мицкоски го потсети на снимките од пред за време на отворањето на новата зграда на МНТ, каде што тој аплаудираше и се восхитуваше на тоа.

-А што се однесува до тоа што тој го нарекува режим, мислам дека нема право да збори, затоа што ако тоа било режим, тогаш тој му аплаудираше на тоа и се восхитуваше на тоа, што и впрочем го видовме на снимките при отворање на МНТ во Скопје пред петнаесетина години. Па токму тој е измеќар на ДУИ партијата која беше соучесник во сите влади овие 20 години. Како ДУИ не е режим и како таа соработка не му пречеше? Но, Димитар доаѓа време кога треба да се стави крај на таквата лицемерна политика, а тој крај е 8 мај кога народот масовно и во голем број ќе излезе на избори и ќе каже доста е, порача Мицкоски.

Претходна вестКовачевски го одби условот на Димитриевски: Предавникот не го сакаат дома, уште помалку надвор од дома
Следна вестЛажен агент за осигурување измамил тетовец за 9.200 евра