Се навикнавме на таквите изјави на господинот Ахмети да биде фактор на нестабилност и со воинствена реторика да повикува на немири и нестабилност. Не мислам дека може да предизвика тоа што го кажува. Албанците и сите граѓани во државата се свесни за сето она што го направи лично тој и неколкумината околу него во последните 20 години додека беа на власт, вели премиерот Христијан Мицкоски за вчерашните пораки на претседателот на ДУИ на собир на партијата во скопско Шуто Оризари.
Мицкоски претпоставува дека пораката на лидерот на интегративците се однесува на, како што вели, истите оние уставни судии кои од Мала Речица и „Бихаќка“ ги поставија во Уставниот суд.
-Законот за употреба на јазиците е во Уставниот суд и таму ќе ги видите луѓето кои излегоа од нивните тефтери. Сега се бара некоја преносна структура за да се упати пораката, но не мислам дека е нешто сериозно. Ме загрижува што тој продолжува да биде фактор за нестабилност. Ги загрижува и меѓународните партнери што ДУИ и Ахмети се се повеќе фактор на нестабилност, кажа премиерот на денешната прес-конференција во Владата со сопственикот и менаџер на Бреинчајлд, Хенинг Гросел.
Ахмети синоќа упатил порака до актуелната власт дека „доколку се допре албанскиот јазик, сите Албанци ќе бидат на нозе“.
Неодамна лидерот на ДУИ преку писма испратени до „високи меѓународни лидери“, побара од нив заедничка акција за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и правата на Албанците во Македонија.