Три позиции и сомнежи околу францускиот предлог ги искажал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средбата со претседателката на ЕК Урсула Фон Дер Лајен. На прес – конференцијата по средбата тој рече дека првиот сомнеж е околу најавената промена на Уставот.
-Во членот 11 од документот, во заедничкиот став на ЕУ јасно стои дека Македонија нема да ги почне преговорите се додека не биде променет Уставот. Првата дилема и првиот став кој што ВМРО-ДПМНЕ го изнесе на таа средба е дали според документот EU Common Position односно европски став на ЕУ членот 11 ги започнуваме преговорите сега веднаш или пак кога ќе дојде до промена на Уставот Бидејќи ние според овој документ читаме дека почетокот на преговорите ќе биде откако ќе биде променет Уставот или да бидам попрецизен мал дел од бугарскиот народ 750 семејства според последниот каков таков попис бидат дел од Преамбулата и нормативниот дел на македонскиот Устав?
За него, втора дилема се врзува за историските прашања/
-Во говорот се спомна дека нема да зборуваме за историјата, но членот 14 од истиот документ тоа не го говори. Членот 14 вели сосема спротивно, а тоа е дека деновиве ќе биде потпишан документ којшто се нарекува Протокол, а во тој документ ќе се зборува за се, само нема да се зборува за владеење на право, борба против криминал и корупција, подобра економија, поквалитетно здравство, покомпетитивно образование. Туку ќе се зборуваме за средниот век, за 18 или 19 век, чиј бил Гоце, чиј бил Даме, чие било Илинденско востание. За ниту една земја членка од овие 27, ниту пак за Албанија не се поставуваат билатералните прашања како критериум. Да бидам попрецизен ќе бидеме фокусирани само на историја, нагласи лидерот на оваа партија.
Третото прашање е врзано за македонскиот јазик.
-Голема лага е дека имаме чист македонски јазик, односно дека имаме јазик чист кој што буквално ќе биде дел од преговарачката рамка и од документите на Европската унија. Еве го членот 3 јасно стои дека ќе имаме практично унилатерална изјава од страна на нашиот источен сосед дека македонскиот јазик е најверојатно некоја верзија на бугарскиот јазик. Зошто е ова важно? Ова пред мене почитувани претставници на медиумите и почитува граѓани е документ од третата конференција на Обединетите Нации од 1977 година и се однесува на стандардизација на светските јазици, одржана во Атина пред точно 45 години, каде што јасно стои разликата помеѓу бугарскиот јазик и македонскиот јазик со македонското кирилско писмо, рече тој.
Мицкоски потенцира дека на Фон Дер Лајен и ги покажал и документи.
-Покажав документи од гробовите на децата од Ваташа, на младинците од Ваташа, ова ли го прават администратори? Ова се тие луѓе, ова ли е дело на администратори? Ова ли е дело на луѓето кои што велат дека ја администрирале Македонија? А ова се вагоните на бугарската национална железница каде што депортираат точно 7114 Евреи од Македонија и ги носат директно во концентрациониот логор во Треблинка. Ова ли е дело на администратори? Ова ли се тие администратори кои што треба ние да ги вклучиме во нашите учебници? А ова е Вера Циривири Трена која што овие администратори ја утепаа затоа што се бореше против фашистите во Втората Светска Војна. Некој сака да избрише дека македонскиот народ бил секогаш на вистинската страна на историјата и се борел против тие кои што биле на погрешната страна на историјата. Ете тоа се дилемите кои што јас и ВМРО-ДПМНЕ ги имаме, а за жал овие корумпирани политичари во владата потпомогнати од други корумпирани политичари ги немаат и го распродаваат тоа кое што со крв и со живот некој го плаќал, нагласи тој.