Мицкоски: Над 600 илјади луѓе гласаа против власта, цунамито се крена, а на 8 мај ќе ги потопи целосно

Денеска народот во Македонија покажа дека си ја сака Македонија и дека секој оној кој го потценува народот прави голема грешка, оцени вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој потсети дека ветил дека ќе победат со најмалку 100 илјади гласови разлика, а сега победуваат со повеќе од 170 илјади гласови.

-Зборувавме дека многу работи ќе се случат не ни веруваа, не потценуваа, мислеа дека си имаат работа со мали деца. Но ние благодарение на народот покажавме и докажавме дека Македонија ја има и ќе ја има уште многу долго време. Ветував многу работи и сите работи се случија, не напаѓаа и од внатре, ни се закануваа, се обидуваа да не делат, се обидуваа да ја делат Македонија, користеа структури од минатото на ВМРО-ДПМНЕ, но ние издржавме. Ви благодарам од срце народе на Македонија. Ветував дека ќе се случи народ и денеска се случи народ. Ова е голема победа за македонскиот народ. Пораката е јасна, Македонија не се плаши и се враќа во рацете на народот. Ние заедно со вас наспроти стотина трговци од ДУИ и СДСМ се причина за целото страдање сиромаштија и криминал во Македонија. Нашата сила сте вие народот, кажа Мицкоски.

Тој додаде дека имаат огромна историска победа на многу избирачки места.

-Оваа власт паѓа. Ова е најдобриот резултат што ВМРО-ДПМНЕ го имала од позиција на опозиција. Над 600 илјади луѓе гласаа против власта, ова е победа на народот, цунамито се крена, а на 8 мај ќе ги потопи целосно. Имаме обврска да им ги срушиме сите идеи за калкулации и предавство. Ова е револуција на народот на Македонија. Работата не е завршена, а власта не е нималку наивна. На осми мај е потребен убедлив резултат, јасна победа врз оваа криминална и корумпирана власт, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходна вестБујар Османи: Длабока победа на Европскиот фронт, тој станува една голема локомотива за европската иднина на нашата држава
Следна вестКовачевски: Јасно е дека луѓето не казнија и го прифаќаме тоа, но нема да се откажеме