Мицкоски: Недовршените градби од „Скопје 2014“ го грдат лицето на главниот град, но јас сум љубител на модерниот стил

Недовршените објекти од проектот „Скопје 2014“ го грдат лицето на главниот град и би сакал поскоро да бидат завршени, но јас сум љубител на модерниот стил, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој одговори на новинарско прашање каков е планот на Владата за недовршените објекти од „2014“ со оглед дека со ребалансот не се предвидени пари за завршување на тие згради годинава.

-Навистина тоа е прашање кое што мене лично многу ме засега како човек роден во Скопје, израснат тука и навистина е тоа премногу грдо онака како што изгледа сега незавршена и недовршена и бараме начин за голем број од тие објекти како да ги завршиме. Јас за вкусовите не сакам да дискутирам, можеби некој има одреден правец во уметноста којшто му се допаѓа, некој има друг правец во уметноста којшто му се допаѓа, можеби мене тоа што не ми се допаѓа некому му се допаѓа, но јас сум љубител на модерниот стил и би сакал тие згради и објекти коишто вие ги споменавте да бидат час поскоро завршени само за да не го грдат лицето на главниот град бидејќи се заборавени, рече Мицкоски при посетата на Царинската управа.

Тој истакна дека пари не се предвидени бидејќи се прават анализи каков е нивниот правен статус, бидејќи, како што рече, дел од тие објекти се и приватни инвестиции.

-Сега не можеме ние како држава и тие приватни објекти да ги санираме, но секако со инвеститорите би сакале да разговараме, да работиме да тоа се заврши. Да видиме што можеме да помогнеме навистина, рече Мицкоски.

Претходна вестМладо момче загина во сообраќајна несреќа во Кичево
Следна вестТошковски за бегството на Рамадани: МВР постапи согласно законот и максимално професионално