Мицкоски повика на масовен протест против бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“

Повик до граѓаните масовно да излезат на протест во Охрид против бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, упати денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Лидерот на најголемата опозициска партија апелираше протестот против клубот кој утре ќе биде отворен во Охрид да биде мирен.

-Протестот е демократско право, треба да се протестира, и секој оној кој сака да протестира да излезе да протестира, тука да немаме никаква дилема. Само повикувам тој протест да биде мирен за да не дозволиме повторно да печалат на ваквите настани оние кои ја втурнаа Македонија во оваа ситуација, тоа е коалицијата СДСМ и ДУИ. Ги повикувам граѓаните масовно да излезат и да го поддржат протестот, но истовремено апелирам тој протест да биде мирен и демократски и да не дозволиме каков било инцидент да ја дефокусира јавноста од реалните проблеми, а тоа се инфлацијата, криминалот, корупцијата, енергетската, финансиската криза и уште многу други проблеми со кои Македонија денес се соочува, изјави Мицкоски.

Инаку, повик на протест упати и партијата Левица. Оваа опозициска партија во соопштението наведе дека тој е за зачувавање на уставниот поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза.

– Поради отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот „Цар Борис Трети“, Левица – Охрид ја повикува целокупната здраворазмуна јавност на протест против уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза! Да го зачуваме достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата!, се наведува во поканата.

Протестот е планиран за утре претпладне во Охрид, каде треба да се отвори вториот бугарски културен клуб „Цар Борис Трети“, кој ќе го носи името на бугарскиот цар за време на Втората светска војна, кога Бугарија е дел од оската со Нацистичка Германија и Фашистичка Италија. Царот Борис Трети владееше со Бугарија од октомври 1918 година до неговата смрт во август 1943 година. Во 1941 година, Бугарија се приклучи на силите на Оската и окупираше територии на тогашна Југославија и Грција. Во март 1943 година, Бугарија депортираше над 11 илјади Евреи од окупираните територии во концентрационите логори Аушвиц и Треблинка.

Еврејската заедница на Македонија најави и кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена заради „величање на фашизмот и ширење на говор на омраза“.

Претходна вестНови 55 случаи на корона вирус, 447 активни случаи
Следна вестНабавени 60.000 вакцини против сезонски грип